(ФОТО) „Макфест 2018“: Триумф на Антониа Гиговска со „Никогаш не вели никогаш“!

Со оглед на традицијата која ја има „Макфест“ заслужува подобри песни кои ќе го исполнуваат македонскиот етер најмалку една година, до следното издание на фестивалот, оти вака е многу, многу лошо…

Антониа Гиговска со песната „Никогаш не вели никогаш“ е победник на 33.тото издание на фестивалот „Макфест“, кој синоќа заврши во Штип. Второто место му припадна на Роберт Билбилов за песната „Чудни места“, додека третото на Дани Димитровска за „Време“.


„Пресреќна сум. Оваа награда ја посветувам на мајка ми. Денес и е роденден“, рече Антониа веднаш по победата.
„Никогаш не вели никогаш“ на авторскиот тим на Лазар и Магдалена Цветковски со изведбата на Антониа Гиговска беше прогласена за најдобра песна на годинешниот „Макфест“, убедливо со 30. поени како и што победи во втората фестивалска вечер. Тимот за првото место на „Макфест“ беше награден со 5.000 евра. Втор беше Роберт Билбилов (Роберт Билбилов и Робин Зимбаков) со композицијата „Чудни места“ кој беше награден со 4.000 евра.
На третото место се пласираше композицијата „Време“ дело на авторите Весна Малинова и Кирил Бабамов во изведба на Дани Димитровска на кои им припаднаа 3.000 евра.
Дека Антониа, Роберт и Дани ќе бидат меѓу првите троица и во финале и од нив ќе се бира победникот се знаеше уште од претходната вечер, втората полуфинална кога оваа тројка настапи и освои најголем број поени. Односно, на втората полуфинална вечер Антонија беше најдобра со вкупно 30 поени. Таа од публиката доби 12, од медиското жири 12 и од стручната комисија шест поени. И вечерва на финалето победата ја однесе со 30 поени со ист распоред. Роберт на втората полуфинална вечер заврши втор со 26 поени, доби 12 од стручната комисија, 10 од медиското жири и четири од публика. Втор заврши и во финале. Дани на полуфинале беше трета со по осум поени од стручна комисија и публика, додека од медиумите доби шест. Трета заврши и во финале.


Во паузата за гласање шоу имаше Дарио. Тој по долги години се врати на „Макфест“ и кога се појави на сцена спомените ги сподели со публиката.
„Вечерва има многу совпаѓања. На првото издание на ’Макфест’ во 1986 година настапив за прв пат. Јас го отворив фестивалот, настапив прв со песната ’Старо купувам’, по текст од песна напишана од Ацо Шопов. Домот на културата се вика ’Ацо Шопов’. Еве повторно после 33 години со ’Старо купувам’ го почнувам шоуто, рече Дарио, кој отпеа седум песни од неговиот богат репертоар.


Што ни остави Макфест?
Веројатно времето ќе покаже кои компоизиции ќе заземат свое место меѓу публиката, кои изведувачи ќе се издвојат и напредуваат…Но, чиниме Џокси им го даде најдобриот совет на младите пејачи, со кој потполно се согласуваме. Џокси посоветува:„На младите им предлагам внимателно да си изберат композитор со кој ќе работат и ќе ја градат кариерата“…
Од овие зборови на Џокси може да се заклучи нешто за што пишувавме претходните два дена – имаше неколку добри изведувачи кои имаа погрешни песни и преку кои не можеа да дојдат до израз. Други автори пак имаа направено погрешен избор на изведувачи што придонесе песните да не им се пласираат во финалето…
За. стручниот тим кој го организираше годинешниот Макфест едно наше видување – или совет: подобро фестивалот да има две вечери со помалку композиции отколку било што да се појави на сцената во Домот на културата „Ацо Шопов“…како што беше оваа година. Имаше многу изведувачи и песни на кои местото не им е таму.
Од друга страна, уметничкиот директор, Владимир Дојчиновски, треба или да има поодврзани раце и визија што треба да се појави на фестивалот или нека се откаже од функцијата. На сите фестивали уметничките директори се оние кои го одредуваат, на еден начин, стилот а секако и квалитетот на тоа што ќе биди зведено. Оваа година Дојчин не го положи испитот – имаше повеќе лоши отколку приближно фестивалски нумери…
Со оглед на традицијата која ја има „Макфест“ заслужува подобри песни кои ќе го исполнуваат македонскиот етер најмалку една година, до следното издание на
фестивалот, оти вака е многу, многу лошо…
Но, тоа е, секако, само нашето скромно мислење.

Г.О.
Фото: макфест – Фејсбук

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Неверојатна атмосфера на вчерашниот Флеш моб на Плоштад Македонија Скопје наскоро во улога на домаќин на Светското првенство во хип хоп 2024

По повод меѓународниот ден на танцот, вчера на Плоштад Македонија се одржа Флеш моб, во …