(ФОТО Галерија) УБАВИНИТЕ НА МАКЕДОНИЈА – Скриено на Шар планина

На Шар планина една од најатрактивните локација е долината на река Лешница.

На тој простор може да видите единствени и уникатни пејсажи грандиозни каменести врвови длабоки реки, уникатни водопади, слапови, пештери и други природни вредности. Оваа исконска убавина позната како Лешница, може да се доживее во полн сјај од селото Бозовце.


Зачекорувајќи од селото Бозовце целата чудесија се отвора пред нас, раскошот на Лешница веднаш ќе се почуствува со околните врвови Плат, Среден камен и Кривошија кои гордо исправено стојат над нас и кои со восхит ќе ви го задржат здивот. Над Лешница исто така гордо се издигаат врвовите Караташ, Клеч или Зелина, од некои делови од долна Лешница има величествен поглед кон Титов врв, Бакардан и Мал турчин кои преставуваат највисоките врвови на Шар планина. Во одделни делови се гледаат стрмни отсеци и карпести засеци на места литици кои го збогатуваат целиот лешнички пејзаж.

Првото мислење кои ќе проструи во вашите глави е колку е чудесна и дарежлива природата на Шара и целата долина на Лешница. Врвовите се блескави истовремено моќни, доле под високите врвови истекуваат и во својот тек жуборат бистрите планински реки.
Лешница се наоѓа во средишниот дел на Шар планина и со право многумина ја нарекуваат срцето на Шара, низ неа поминуваат повеќе реки најголемата река на Шара и во долината на Лешница е реката Пена, но хидрографските вредности на долината Лешница ја сочинуваат и Лешничка река со уникатниот лешнички водопад,


Кривошиска река со атрактивниот кривошискиот водопад, фамозните кади (каскадите) итн. По долината на брзата и кратка кривошија се наоѓа Кривошиското езеро. Кривошиското езеро се наоѓа на надморска височина од 2.250 м. Од езерата вредно за истакнување е Скакаличко езеро кое е лоцирано под врвот скакало на надморска височина од 2258 м а од ова езерото истекува Скакаличка река која се спушта во долината на Лешница и се влева во реката Пена


Лешница е поделена на горна и долна Лешница. Долна Лешница се наоѓа на надморска височина од 1450 м додека Горна лешница на надморска височина од 2221 м.
Убавината на лешница ја надополнуваат густата шумска вегетација и разновидниот животински свет. Без никаков сомнеж oва подрачје изобилува со богат биодиверзитет и геодиверзитет.
Моментот кога ќе решите да си заминете од Лешница ќе ве обземат измешани чуствата, а тоа се чуство на горност за ова непроценливо богатство со кое располагаме но и чуство на одговорност кон оваа природна и недопрена убавина.
Сепак пресудно ќе биде чуството на недореченост за она што сте го виделе помирисале и доприле, повторно ќе си дадете збор дека повторно мора да се вратите во ова парче македонска убавина.
Природата во Лешница ни најмудриот не може да ја измисли нити највештиото сликар да ја наслика ниту пак најречитиот поет да ја опее. Затоа време е да ја посетите оваа убавина за да ја цените повеќе нашата убава земја.


Текст и фото: Професор Дарко Оносимоски

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Пријавете се на работилницата за дизајнери

Skopje Design Week во соработка со фабриката Окитекс организира креативна дводневна работилница со дополнителни часови …