ШТО јадеме помеѓу главните оброци може да има сериозно влијание врз нашето здравје. Според студиите, четвртина од луѓето ги откажуваат придобивките од здравите оброци со тоа што прават лош избор на меѓуоброци или закуски.
„Грицките можат да бидат корисен начин за задоволување на вашите нутритивни потреби во текот на денот, но се зависи од тоа што ќе одберете да јадете“, вели диететичарката Семи Гил за Express. Таа навела седум здрави закуски кои можете да ги јадете кога сте гладни и едвај чекате ручек или вечера.
Маслинки
Маслинките го намалуваат шеќерот во крвта. Без разлика дали се зелени или црни, маслинките се преполни со хранливи материи.
„Маслинките се богати со мононезаситени масти, кои помагаат во заштитата од срцеви заболувања, а исто така се богати со витамин А, кој е важен за здравјето на очите“, вели Гил.
Новото истражување покажа дека маслинките можат да помогнат и при слабеење и да го намалат ризикот од дијабетес тип 2.
„Студијата откри дека еленолната киселина, природно соединение во маслинките, може да помогне при слабеење. Го стимулира ослободувањето на метаболичките хормони во цревата кои помагаат да се намали нивото на шеќер во крвта“, објасни диететичарот. Таа додаде дека идеалната големина на порцијата е 50 грама.
Пуканки
Заборавете на солените или мрсните пуканки. Домашните пуканки се добри за здравјето на цревата. Тие се богати со растителни влакна, што ги прави добри за варење, а содржат и отпорен скроб, пребиотик кој ги храни здравите бактерии во дебелото црево.
Хумус
Хумусот е еден од омилените намази, а студиите покажаа дека неговата консумација ја намалува желбата за храна. Хумусот е направен од наут, кој е одличен извор на протеини и растителни влакна, кои помагаат да се потисне апетитот.
Темно чоколадо
Можеби не го очекувавте ова, но и темното чоколадо може да не направи помалку гладни. Според Гил, темното чоколадо влијае на хормонот за апетит грелин, но мора да содржи најмалку 75 проценти какао.
Семки од тиква
Семките од тиква содржат триптофан. Оваа есенцијална аминокиселина се претвора во серотонин и мелатонин кои се важни за регулирање на сонот. Идеалната порција е 30 грама.
Јаткасти плодови
Јаткастите плодови имаат повеќе здравствени придобивки, но најмногу му користат на мозокот.
„Оревите се одличен вегетаријански извор на антиинфламаторна алфа-линоленска киселина (ALA) – вид на омега-3 есенцијална масна киселина. Високото ниво на АЛА го намалува оксидативниот стрес, што го намалува воспалението, што е важно за здравјето на мозокот“, вели Гил.
Тврдо варени јајца
Конечно, губењето на мускулите се јавува природно како што старееме, што може да ја намали подвижноста и силата со текот на времето. Сепак, тврдо варените јајца го спречуваат губењето на мускулите бидејќи се богати со протеини. Идеална порција се две јајца на ден.
Фото: Архива