Во организација на Катедрата за македонска книжевност и култура на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на 3 и 4 април 2024 година ќе се одржи годинешното издание на манифестацијата „Денови на македонската литература“.
Манифестацијата ќе биде отворена на 3 април 2024 година (среда), во 12 часот, со предавање на проф. д-р Виолета Пирузе-Тасевска, којашто сиот свој работен век го мина на оваа Катедра на Филолошкиот факултет. Предавањето ќе биде на тема Српскиот и македонскиот книжевен романтизам, а ќе се одржи во Библиотеката за македонска книжевност и култура на Филолошкиот факултет.
Истиот ден, со почеток во 18 часот, во амфитеатарот 3 на Филолошкиот факултет ќе се одржи студентска вечер на македонската книжевност и култура „Непрочитано писмо“. Студенти од повеќе генерации го обединија својот креативен потенцијал и подготвија програма со која преку рецитал, драматизација, музички точки и видео-проекции ќе се претстави дел од развојот на македонската книжевност и култура, со антологиски дела по нивен избор.
Вториот ден од манифестацијата, 4 април 2024 година (четврток) ќе биде посветен на професори што предаваат македонска книжевност на странски универзитети. Нивните предавања во рамките на манифестацијата ќе се одржат виртуелно, преку платформата Зум.
Во 10 часот, предавање ќе одржи проф. д-р Жељко Милановиќ од Филозофскиот факултет при Универзитетот во Нови Сад, на тема: Како се предава македонската книжевност на Филозофскиот факултет во Нови Сад?
Во 11 часот, предавање ќе одржи проф. д-р Намита Субиото од Филозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана. Рецепцијата на расказот „Вампир“ од Петре М. Андреевски во Словенија: од превод до адаптација во музичко-раскажувачки перформанс.
Гостинските предавања на професорите по македонска книжевност од странските универзитети се планира да бидат натамошна постојана практика во рамките на настаните што на Филолошкиот факултет се организираат со влог на Катедрата за македонска книжевност и култура.
Сите настани од програмата на манифестацијата „Денови на македонската литература“ се од отворен карактер.