Театарската претстава „Иванов“ вечерва во МНТ

Вечерва во Македонскиот Народен Театар во Скопје ќе биде изведена претставата „Иванов“ од А. П. Чехов, а во режија на Зоја Бузалковска.

Превод од руски јазик: ДРАГИЦА НАЈЧЕСКА
Адаптација и режија: ЗОЈА БУЗАЛКОВСКА
Извршен продуцент: ВИКТОР РУБЕН
Сценографи: ИЛИНА АНГЕЛОВСКА, ТОДОР ДАЈЕВСКИ, ЗОЈА БУЗАЛКОВСКА
Костимограф: РОЗА ТРАЈЧЕСКА-РИСТОВСКА
Композитор: ДАВИД АНГЕЛЕВСКИ
Инструктор за техника на качување и движење на карпа и обезбедување со јаже: АЛЕКСАНДАР ЗАРАПЧИЕВ
Асистенти инструктори за техника на качување и движење на карпа и обезбедување со јаже: ЕЛЕНА ДИНОВСКА-ЗАРАПЧИЕВ, АНГЕЛ КУРТЕЛОВ И РАДЕ НАБАКОВ
Кондициски вежби и сценски движења: НИНА ДЕАН
Видеодизајнер: МИЛАН БЛАЖЕВСКИ


Играат:
ИВАНОВ, Николај Алексеевич, постојан член на органот за селански прашања: БЛАГОЈ ВЕСЕЛИНОВ
АНА ПЕТРОВНА, негова жена, родена како Сара Абрамсон: ДРАГАНА КОСТАДИНОВСКА
ШАБЕЉСКИ, Матвеј Семјонович, гроф, негов вујко по мајка: ОЛИВЕР МИТКОВСКИ
ЛЕБЕДЕВ, Павел Кирилич, претседател на земската управа: ЃОРЃИ ЈОЛЕВСКИ
ЗИНАИДА САВИШНА, негова жена: ЗВЕЗДАНА АНГЕЛОВСКА
САША, ќерка на Лебедеви, 20 години: ДАРЈА РИЗОВА
ЉВОВ, Евгениј Константинович, млад земски лекар: ГРИГОР ЈОВАНОВСКИ
БАБАКИНА, Марфа Јегоровна, млада вдовица, земјосопственичка, ќерка на богат трговец: НИНА ДЕАН
КОСИХ, Дмитриј Никитич, финансиски чиновник: АЛЕКСАНДАР ЃОРЃИЕСКИ
БОРКИН, Михаил Михајлович, далечен роднина на Иванов, управител на неговиот имот: АЛЕКСАНДАР МИХАЈЛОВСКИ/МАРТИН ЃОРГОСКИ/ИСИДОР ЈОВАНОСКИ
АВДОТЈА НАЗАРОВНА, старица со неопределена професија: НИКОЛИНА КУЈАЧА
ДУДКИН, син на богат фабрикант: ИВИЦА ДИМИТРИЈЕВИЌ
ЈЕГОРУШКA, паразит кај Лебедеви: МАРТИН ЃОРГОСКИ/СИНАН РАКИПОВСКИ
ПЈОТР, лакеј на Иванов: МАРТИН ЃОРГОСКИ/СИНАН РАКИПОВСКИ
ГАВРИЛО, лакеј на Лебедеви: СИНАН РАКИПОВСКИ/ЕНИС БИЛАЛОВИЌ

Инспициент: НИКОЛА КИМОВСКИ
Суфлер: МИРОСЛАВ АТАНАСОВСКИ


Антон Павлович Чехов (1860-1904) се смета за еден од најголемите руски, но и светски драматичари. Започнува како автор на хуморески, продолжува со кратки раскази и новели, а останува запомнет како раскажувач, романописец и драмски писател, претставник на правецот натурализам. Мајстор е на малите забелешки од кои почнуваат и потоа опстојуваат големите нешта, мајстор е на кратката форма, како и мајстор на приказни и драми. Неговите дела „Иванов“ (1887), „Вујко Вања“ (1889), „Три сестри“ (1901) и „Вишновата градина“ (1904) денес се сметаат за бисери на руската литература и за непроценливо богатство на светската книжевност. Тоа се дела кои како претстави се поставуваат скоро во сите светски театри од почетокот до денес.

Драмата „Иванов“ е негово прво поставено дело во театар и ја доставува како драма во четири чина, која ја напишал за десет дена. Премиерно е изведена на 19 ноември 1887 година, во театарот на Фјодор Корш во Москва, тогаш мошне популарен кај тамошната публика. На денот на премиерата реакциите на публиката се различни: од громогласно аплаудирање, до свиркање, скокање од места и тропање со нозете до тепачка во галеријата. Но, во целост претставата имала успех, дури била и забележена. Сепак, поставката го потиштува самиот Чехов. Во писмото до неговиот брат, тој вели: „не ги препознавам своите први забелешки како мои“ и дека актерите „не ги знаат своите делови и зборуваат глупости“. Иритиран од ова, Чехов прави измени на драмата со што конечната верзија е различна од онаа првата. Изменетата верзија на драмата е прифатена во Санкт Петербург, каде што се изведува во 1889 година. Ревидираната верзија е успешна и нуди предзнак на стилот и темите на неговите следни ремек-дела.


Во Македонија Чехов за првпат е поставен во 1950 година, во Театарот на народностите – Турскиот театар, каде што таа година се поставени драмите „Мечка“ и „Просидба“. Оттогаш, низ годините, на различни сцени се поставени сите негови драми. Во НУ Македонски народен театар досега се изведени: „Галеб“ во 1960 година, во 1990 година и во 2018 година, во режија на Димитар Ќостаров, па Бранко Ставрев и последната на Нина Николиќ; „Три сестри“ во 1970 година, во режија на Илија Милчин; „Вишновата градина“ во 1997 и 2010 година, во режија на Трајче Ѓорѓиев, односно Љубиша Георгиевски; „Малиот човек“ во 2004 година, во режија на Нино Леви, и „Вујко Вања“ во 2015 година, во режија на Зоја Бузалковска.

Денешната поставка на драмата „Иванов“ е втора поставка на истоимената драма во Македонскиот народен театар. Првата премиерно е прикажана на 25 октомври 1984 година, во режија на Бранко Ставрев, со сценографија и костимографија на Владимир Георгиевски и избор на музика на Љупчо Константинов. Главната улога ја толкува Ристо Шишков, а во останатите улоги се: Јоана Поповска како Ана Петровна, Кирил Ќортошев како Матвеј Семјонович Шабељски, Душко Костовски како Павел Кирилович Лебедев, Љупка Џундева како Занаида Савишна, Славица Ковачевиќ-Јовановска и Емилија Андреева како Саша, Томе Витанов како Евгениј Константинович Љвов, Катерина Крстева како Марфа Егоровна Бабакина, Чедо Христов како Дмитриј Никитич Косих, Кирил Ристоски како Михаил Михаилович Боркин, Цветанка Јакимовска како Авдотја Назаровна, Александар Шехтански како Егорушка, Игор Џамбазов како Дудикин и Раде Мадиќ како Гаврил.

Билетите се пуштени во продажба онлајн преку www.mnt.mk и на билетарницата во МНТ.

Цената на билетот за изведбите е 500 денари.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Вклучете ги во вашата исхрана – Со оваа храна надоместете го недостатокот на витамин Д и подготвите го телото за зимата

Во зима, кога деновите се пократки, а сончевата светлина е послаба, нивото на овој витамин …