Д Фестивал одложен: Еве за кога се презакажа фестивалот во Дојран

Во текот на изминатите месеци продолживме со подготoвките за Д Фестивал и ширењето на позитивна енергија. Ви благодариме на илјадниците пораки исполнети со љубов и поддршка кои нѐ мотивираа да работиме на различни решенија и сѐ подобри изданија, соопштуваат од Пасворд Продукција.
„Oд првото, па се’ до последното издание, фестивалот од една бина на напуштен паркинг, се прошири на 20.000 квадратни метри, вклучувајќи пет сцени на кои заедно со нашиот тим, помагаа 200 волонтери и над 600 соработници, се’ со цел да ве пречекаме и ви овозможиме три незаборавни фестивалски дена!
Оваа година ни започна со амбициозна подготовка на фестивалот, која резултираше со најголем интерес досега, што значи дека сме ја стекнале вашата доверба. Мотивирани од истата, до денес се надевавме дека ќе се појави шанса за скора дружба.
За жал, бројките на заболени и слабиот напредок во борбата со COVID-19, затворени граници и карантини, дефинитивно не’ принудуваат да се адаптираме на ситуацијата и да го презакажеме Д Фестивал 49 дена подоцна – од 21-23 август 2020 година, на локација Градски Парк – Дојран, во омилениот Д Камп. Во соработка и координација со нашите пријатели од Србија, ќе се одржи една недела по Exit Festival.
Сакаме да ве известиме дека вашите билети се безбедни. Задржувајќи го набавениот билет, го поддржувате фестивалот и музичката индустрија и за возврат, добивате можност да присуствувате на двете Д Фестивал изданија – во 2020 и во 2021! Доколку не сте во можност да присуствувате на овогодинашното издание, билетот може да го задржите за 2021 година, а на располагање ќе бидат понудени и различни решенија за поврат на средствата. Скоро сите досега најавени изведувачи се потврдени на едно од двете изданија, а детални информации околу целосната програма ќе бидат објавени на почеток на месец јули.
Здравјето и безбедноста за нас секогаш биле на прво место. Сакајќи да придонесеме кон наоѓање решение на моменталната кризна ситуација, заедно со колегите од останатите продукции, се соединивме во новото Здружение на културни промотери. Според насоките од Светската здравствена организација, кои препорачаа враќање на фестивалите, изработивме детален предлог-протокол, поттикнат од позитивното искуство на соседните и европските земји кој го доставуваме до надлежните институции.
Се извинуваме за доцната информација, но до овој момент се надевавме на чудо и скора дружба“, соопштуваат од Пасворд продукција

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

УТРЕ ГОЛЕМ КОНЦЕРТ НА ПЛАТОТО НА УКИМ: МАКЕДОНСКИТЕ ХИТОВИ ДОБИВААТ НОВО РУВО ПО ПОВОД ДЕНОТ НА ЕВРОПА

Скопје утре ќе биде домаќин на уникатен музички спектакл! Со почеток во 20 часот, платото …