ЕУРИМАЖ ПОВТОРНО СО ФИНАНСИСКА ПОДДРШКА НА МАКЕДОНСКАТА КИНЕМАТОГРАФИЈА

Паневропскиот филмски фонд „Еуримаж“ на 170-та сесија, која штотуку заврши и е последна оваа година, го поддржа филмскиот проект на режисерката Дина Дума „Скејтбордингот не е за девојчиња“ со износ од 350.000 Евра.

„Оваа година македонската кинематографија финансиски е поддржана и на последната 170-та сесија. Третиот македонски проект кој годинава доби средства е „Скејтбордингот не е за девојчиња“ во режија на Дина Дума. Ова е копродукција меѓу македонскиот продуцент „Сестри и брат Митевски“, „Ентре Чиен Луп Сцрл“ од Белгија и „Вертиго / Терминал 3“ од Словенија“, изјави Тања Ќурчинска Пепељугоска, нашиот национален претставник во Еуримаж. Таа додаде и дека бројот на пријавени копродукциски проекти во секоја сесија сѐ повеќе се зголемува, па така и оваа сесија повторно ќе се памети со 111 пријавени проекти од кои 99 беа оценувани.


„Во ваква конкуренција проектот СКЕЈТБОРДИНГ НЕ Е ЗА ДЕВОЈЧИЊА беше оценет одлично и рангиран е на високо 3-то место на ранг листата во својата група. Коментарите за проектот беа позитивни и оптимистички: „…млада и талентирана режисерка која треба да се поддржи; сценариото е интересно, внесува модерни елементи во една конзервативна заедница на Ромите на Балканот; сериозен продуцентски тим…“ – рече Ќурчинска Пепељугоска. „Во ноемвриската сесија од вкупно оценувани 99 проекти, само 29 добија финансиска поддршка од Еуримаж и до толку е позначајно што меѓу нив повторно е еден македонски проект.“

Северна Македонија е членка на Еуримаж од 2003 година и ова е јубилејна 20 годишнина од нашето членство во овој пан-европски фонд. Јубилејната година ја завршуваме со вкупно 775.000 Евра доделени на „ДиЏеј Ахмет“ на Георги Унковски на 168-та сесија, „Човек против јато“ на Тамара Котевска на 169-та сесија и „Скејтбордингот не е за девојчиња“ на Дина Дума на 170-та сесија.


„Очекувам дека за 2-2,5 години ќе имаме можност да ги видиме овие филмови на големото платно особено поради фактот што странските копродуцентски партнери се обезбедени, а со тоа и финансирањето од нивните националните фондови. Се надевам дека и нашата Агенција за филм ќе стори напор да не се повтори оваа година во која првите 10 месеци немавме ниту еден снимачки ден и дека нашата продукција ќе биде многу поинтензивна следната година“ – додаде Т. Пепељугоска.

Европскиот фонд за копродукција и дистрибуција на креативни кинематографски и аудиовизуелни дела – Еуримаж од своето основање во 1989 година до денес поддржал 2.438 копродукциски проекти со вкупен буџет од околу 710 милиони Eвра.


©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

„Падот на Масада“ вечерва во Драмски

Вечерва во Драмскиот Театар во Скопје, со почеток во 20:00 часот ќе биде изведена театарската …