Виртуозниот виолинист Роберт Лакатош настапува со Македонската филхармонија

Виртуознииот виолинист Роберт Лакатош (Србија), в четврток, со почеток во 20 часот ќе настапи како солист со оркестарот на Македонската филхармонија на концертот насловен „Искон”. На програмата се Концертот за виолина и оркестар во де-мол од Јан Сибелиус и Симфонијата бр. 1 од Васили Калиников. Диригент е Мануел Хернандез-Силва од Венецуела.

Финскиот композитор Јан Сибелиус (1865 – 1957) е еден од ретките композитори чиј опус целосно е обоен со звукот на неговата родна земја и кој оди рака под рака со борбата на финскиот народ за себеопределување и независност. Иако, во декадата по неговата смрт, неговиот музички опус бил детерминиран како конзервативен, тој денес важи за еден од најзначајните и најоригинални композитори на симфониска музика, по Лудвиг ван Бетовен. Историчарите имале навистина голем проблем каде да го сместат музичкото творештво на Сибелиус – 20 век имал прилично дуално определување, композиторите биле дефинирани или како модерни, ако пишувале атонална музика, или биле стигматизирани како конзервативни доколку нивната музика била тонална. Затоа најчесто неговата музика се детерминира како реакција на континуитетот на доцниот романтизам. Иако романтичниот сензибилитет доминира во музиката на овој фински композитор, многу често во своите дела знаел да ја прошири традиционалната тоналност со модални концепти. Концертот за виолина и оркестар е музичко ремек-дело, омилено меѓу виолинистите што сакаат да ги покажат своите изведувачки капацитети, во него се чувствува органскиот звук типичен за Сибелиус и неговата комплексна музичка текстура обоена со моќен лиризам.


Рускиот композитор Васили Калиников е еден од заборавените музички мајстори, чиј опус станува интернационално познат многу години по неговата смрт. Иако бил популарен во Русија, Калиников останал да живее во сенката на неговите популарни колеги Чајковски и Мусоргски, чии дела се изведувале во целиот свет. Првата симфонијата е напишана во периодот меѓу 1894 и 1895 година и претставува класичен пример за неверојатното чувство за креирање мелодија што го поседувал Калиников. Инспирирана од богати фолклорни мотиви, симфонијата содржи јасни влијанија од Римски-Корсаков и Чајковски, иако во неа Калиников успеал да го вметне и својот авторски печат и сензибилитет по кој е препознатлив како композитор.

„Идеален солист со раскошен, самоуверен тон, кој во секој момент настојува да ја импресионира публиката со виртуозност” (П. Конорс, Бахтрак). Критиката не штеди зборови кога станува збор за изведбата на виолинистот Роберт Лакатош, добитник на првата награда на престижниот Интернационален виолински натпревар во Памплона, Шпанија, во 2015 година. Овој млад уметник претходно ја освои првата награда на натпреварот „Мери Смит” во Њујорк, 2013 година, како и престижната награда на натпреварот „Андреа Постакини” во Италија. Овие успеси му ја отворија вратата на неговата интернационална кариера на реномираните музички сцени во светот. Роберт Лакатош настапувал со симфониските оркестри на Малага, Мадрид, Гетинген, Краков, Монтре, Цирих, Истанбул, Љубљана, Нови Сад, како и со Белградската филхармонија. Соработувал со еминентни диригенти на денешнината како Габриел Фелц, Урош Лајовиц, Џејмс Џад, Мануел Хернандез-Силва, Фабио Мекети, Николас Милтон, Лиор Шамбадал, Антони Вит, Филип Гринберг, Александар Марковиќ и други. Роберт Лакатош е роден во Нови Сад, во 1991 година. Израснал во музичко семејство, а ментор му бил неговиот татко Имре Лакатош. Подоцна дипломирал во класата на проф. Дејан Михајловиќ, на Академијата за уметност во Нови Сад. Студиите ги продолжува на Универзитетот за уметност во Цирих, истовремено се усовршува кај врвни уметници како A. Росенд, Џ. Рахлин, Р. Симовиќ и Р. Коелман. Овие искуства му обезбедија траен уметнички квалитет што го развива занимавајќи се истовремено со концертни и со педагошки активности. Роберт Лакатош моментално работи како професор по виолина на Академијата за уметност во Нови Сад, како и на Факултетот за музичка уметност во Белград. Од 2018 година е уметнички раководител на Камерниот гудачки ансамбл „Роберт Лакатош”, составен од млади музичари, чија цел е да ги промовира младите виртуози на виолина. Добитник е на наградата „Искра на културата” во 2017 година, признание кое Заводот за култура на Војводина го доделува за современо творештво на млади уметници до 35 години. Роберт свири на виолина антонио страдивари од 1709 година, од приватната колекција на познатиот мајстор Владимир Радосављевиќ.


„Имав големо задоволство да соработувам со Роберт Лакатош додека беше мој студент на Циришкиот универзитет за уметност во Швајцарија. Роберт Лакатош често покажува беспрекорна техника и многу емотивна музикалност. Сметам дека Лакатош е еден од најперспективните виолинисти на својата генерација.” (Рудолф Коелман)

„Роберт Лакатош е исклучителен виолинист чија техника и темперамент се гаранција за незаборавно музицирање.” (Арон Росанд)


„Тој е еден од најперспективните млади уметници на својата генерација и неговиот начин на музицирање е во стилот на старата традиција на свирење виолина.” (Џулијан Рахлин)

Мануел Хернандез-Силва дипломира на престижниот Државен конзерваториум во Виена со највисоки оценки, а професори му биле Рејнхард Шварц и Георг Марк. Добитник е на наградата на натпреварот за диригирање „Јунгер Кунстлер”, што ја доделува Виенскиот камерен оркестар, со кој Силва диригира во Виена.

Диригирал на значајни интернационални фестивали, а често настапува како гостин-диригент со шпански и со други оркестри во Европа. Бил шеф-диригент на Оркестарот на Кордоба, на Филхармонијата во Малага, на симфонискиот оркестар „Навара”, и почесен шеф-диригент на оркестарот „Симон Боливар” во Каракас, со кој интензивно работел повеќе од пет години. Диригирал со Виенскиот симфониски оркестар, Израелскиот симфониски оркестар, оркестарот на Радио Прага, симфонискиот оркестар на Биел, со оркестарот на Мулхаус, симфонискиот оркестар на Вупертал, Филхармонијата на Сеул, Филхармонијата на Буенос Аирес, Националниот оркестар на Венецуела, Симфонискиот оркестар на Чиле и со сите водечки оркестри во Шпанија.

Како оперски диригент доби одлични критики за неговите изведби на „Волшебната флејта” и „Така прават сите” од Моцарт, за Бетовеновата „Фиделио” и за „Боеми”, „Џани Скики”, „Тоска” и „Мадам Батерфлај” од Пучини.

Маестро Хернандез-Силва работи и како професор, постојано е активен во педагошката сфера, каде посветено едуцира млади диригенти.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Циклонот од Атлантикот се поблиску до Македонија, подгответе се за обилни врнежи и грмежи – Постои можност за локално невреме!

Метео прогноза на Славчо Попоски: Утре и во вторник, и тоа под влијание на нов …