Втор Форум на креативните градови за филм од мрежата на УНЕСКО: Создавање на градот на иднината  

 Неочекувана економска корист за филмот и во време на пандемија

  Со проекција на бугарскиот филм „Слава“ на дуото Грозева-Валчанов започна Вториот Форум на креативните градови за филм од мрежата на УНЕСКО на тема: Создавање на градот на иднината.


Форумот е од особено значење за афирмирање на можностите на Битола и воопшто на нашата држава и поврзување и зголемување на соработката со другите филмски градови од мрежата на УНЕСКО.

-Станувајќи дел од мрежата на креативни градови на УНЕСКО, Битола доби нови  можности за промоција и понатамошен развој на филмската приказна на градот. На овој начин, отворени се и нови перспективи за реализација на проекти во различни области и соработка во светски рамки. Меѓу останатите цели на форумот е да  придонесе за позитивно влијание врз понатамошниот развој на културата, туризмот, а со тоа и унапредување на локалната економија – рече Весна Ристовска од Здружението „Центар за филм“ Битола кое има за цел да помага во промоцијата на сите филмски вредности и активности кои произлегуваат од ова значајно членство.


Битола e рамноправен член на креативните градови за филм од мрежата на УНЕСКО од 2015 и еден од 18-те градови кои се дел од овој филмски кластер на УНЕСКО, е единствен од државата и еден од ретките од регионот. Форумот на едно место и во услови на пандемија успеа да собере повеќе од 20 домашни и странски учесници, комбинирано со физичко и виртуелно присуство преку интернет со  снимање со камери и стриминг во живо. Сите настани се одвиваа со строго почитување на протоколите за организација на јавни настани.


 

На вториот ден од форумот виртуелно се вклучија високи претставници на креативните градови за филм од мрежата на УНЕСКО – Жорди Хернандез  од Тераса (Шпанија), Аника Ким од Бусан (Јужна Кореја), Моника Марлицка-Роберт од Лоѓ (Полска), Алесандра Пешета од Рим (Италија), Магдалена Поповиќ од Сараево (БиХ) и Дејвид Вилсон од Брадфорд кои ги споделија искуствата од справувањето со кризата предизвикана од вирусот КОВИД-19, како и идните чекори.

Брадфорд е првиот филмски град. Вилсон истакна дека и филмската продукција во Брадфорд работи со полна пареа.

– И покрај кризата, филмската индустрија во Велика Британија има непрекинат раст и неочекувана економска корист од епидемијата – рече Вилсон.

Поповиќ, пак, нагласи дека префрлувањето на Сараевскиот филмски фестивал целосно онлајн како најголем културен настан му нанело огромни финансиски загуби на градот.

Поради кризата Бусан мораше да го откаже присуството на режисери од филмските градови од мрежата на УНЕСКО како дел од Интерсити Бусан Филм Фестивал, неколкугодишен проект кој ја поттикнува и развива соработката меѓу овие филмски градови – сподели Ким, која се надева дека следната година оваа традиција ќе продолжи.

Виртуелно беше присутна и режисерката Пешета од Рим, која токму лани благодарение на програмата за размена на Бусан, таму сними краток филм и сподели дел од своето искуство.

На Форумот учествуваа и претставници од домашните релевантни институции, невладиниот и бизнис секторот кои работат во креативните индустрии и филм. како и претставници од домашните релевантни институции, невладиниот и бизнис секторот кои работат во креативните индустрии и филм.

Директорот на Кинотека на Северна Македонија, Владимир Ангелов рече дека токму благодарени на првиот Форум на креативните градови за филм од мрежата на УНЕСКО, кој се одржа лани во Битола, успеале да направат соработка со Националната филмска архива CSC од Италија и годинава ќе имаат ревија на филмови од големиот италијански режисер Федерико Фелини во Скопје. Учестуваа и Маја Андоновска – Илијевски (Центар за култура – Битола) , Елена Бојаџиева-Цветковска (УМПАКИ Скопје), Блаже Дулев (Квазар Филм), Гоце Богоевски (SMART-CUL-TOUR, Битола), Мери Стојанова (Завод и Музеј Битола), Елена Ивчевска (MEDAL BIM, Битола).

Форумот го организира Здружението за филмска уметност ЦЕНТАР ЗА ФИЛМ Битола во насока на зголемување на соработката помеѓу градовите во областа на иновациите и едукацијата.

Проектот е поддржан во рамки на Годишната програма за финансирање проекти од национален интерес на Министерството за култура. 

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Стенд ап настап на Александар Георгиевски – G Vision вечерва во Оро

Третиот по ред стенд ап во Оро, ќе се одржи денес, со почеток во 21:00 …