Утре во Ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков“ ќе биде отворена изложбата „Метаморфози на просторноста“ од уметникот Јован Наумоски

На 7.07.2023/ петок/ од 19.30 ч. во Ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков“ ќе биде отворена изложбата „Метаморфози на просторноста“ од уметникот Јован Наумоски.


Текст за изложбата „Метаморфози на просторноста“

„Треба да биде јасно дека просторот не е ништо друго туку само еден облик на партикулација без самостојна реална егзистенција … Просторот постои само во врска со нашата партикуларизирачка свест“.


Ашвагоша, “Будењето на верата”

На почетокот сосема накратко ќе проговорам за оптичката уметност чија единствена цел е да предизвика оптички сензации кај гледачот. Ваквото дефинирање се однесува на оптичката уметност, односно op art-от, кој ги вклучува светлосните скулптури, инсталации, светлосните експерименти, но и сликарството и графиката кои со еден специфичен однос на бојата и линијата создаваат оптичка илузија во ретината, така што таа е премногу систематична и е близу до егзактните науки наместо уметноста..


Добар дел од оп-артот се состои од конструкција или амбиентот  чии што ефект зависи од светлото и движењето. На состојбите за илузија и илузорност во ликовната уметност постоеле уште многу одамна: оптички и илузионистички ефекти наоѓаме уште во пештерното сликарство.

Секако дека и сликарството во Помпеја било создавано повеќе со цел да предизвика оптички ефект кај гледачот, отколку самата сцена да биде веристички и реалистично предадена. Со повторното откривање на линеарната и атмосферската перспектива во XV век, сликарите како Паоло Учело, уживале во ваквите илузии кои ги овозможувало самото сликарството, а кои ќе добијат огромна димензија во барокните таваници и во рококо стилот. Со научните истражувања на Шеврел, Фон Хелмоц и др., како и претходно, со теориите за боите и перцепциите кај филозофите Беркли и Хјум во XIX век, елементи на оптичка илузија можат да се забележат кај сликарите од Де Стиј (особено Пит Мондријан и Тео ван Доезбург), како и Мохољ Наѓ и Јозеф Алберс од Баухаус.
Нашите претстави за просторот, за неговите преобразби – метаморфози заземаат истакнато место за нашата скица за стварноста.

Помеѓу најмалите честички на нашето битие, помеѓу нашето тело и нашата животна средина, помеѓу нас и сите луѓе со кои сме во контакт, помеѓу просторот постои Врска – конекција толку суштествена и длабока така што  повеќе не е  јасно разграничувањето помеѓу крајот на едно нешто и почетокот на друго.

Дали просторот  има граница?

Дали просторот во којшто е сместена вселената е ограничен негде длабоко на работ на вселената или пак е бесконечен?

Како го замислуваме ”безпросторот” односно немањето простор?

Дали има паралелен простор со овај нашиот?

Додека времето силно го преокупира вниманието на луѓето, просторот како да останува на маргините на интересирањето. Но, во стварноста, времето и просторот се соединети и неразделни. Времето не постои самото за себе, туку во просторот. А и просторот не се протега самиот за себе, туку заедно со времето. Се чини, меѓутоа, дека напоредо се создава и одредена спротиставеност меѓу просторот и времето. Ослободувањето од некој конретен простор се остварува со посредство на времето. Така е и со движењето во просторот, кој претставува корпа за отпадоци на времето.

Овој феномен на спротиставеност на времето и на просторот не го укинува нивното единство, ниту ги поништува нивните аналогии. Времето како мерило за движењето и за промените не е само мерило на растење и на живот, туку и мерило на распаѓање и на пропаѓање.

А просторот како сцена на движењата и на промените не е само област на гнилежност. Времето, како мерило на животот, на човекот му дава релативна слобода внатре во просторот. Кога слободата го завршува своето време, се завршува и самата слобода, како и нејзиниот живот внатре во просторот. И невозможно е да постои каква било форма на слобода или на надеж во светот, без перспективата на времето.

Просторот е само димензија во каја што човекот се движи, работи…

Разумот чие што својство е да се задржи на површината, се бави со просторноста, додека пак интуицијата се бави со се она што може да се спореди со времето.

Во овој случај ќе ја земам модерната физика која најдраматично потврдила една од основните идеи на источната мистика; дека сите концепти што ги употребуваме за опишување на природата се ограничени, дека тие не се својства на стварноста, како што сме склони да веруваме, туку како креации на нашиот ум; делови од картата а не од територијата. Секогаш кога ќе ја прошириме сверата на нашето искуство стануваат очигледни ограничувањата на нашиот рационален ум, па мораме да видоизмениме или дури да отфрлиме некои од нашите концепти.

За разлика од западот источната философија отсекогаш сметала дека просторот па и времето се конструкции на умот. Тие ги третирале како и сите други интелектуални концепти;  како релативни, ограничени и илузорни. 

Има ставови за просторноста но и за времето кои што се радикални. Според тоа, просторот, сам по себе, и времето, само по себе, се осудени на исчезнување како некои сенки, а само нивното единство ќе можеда се сочува како некаква независна реалност.

Сепак морам да кажам дека некои физички релативистички ефекти ни се чинат чудни затоа што ние, со нашите сетила, не можеме да го почувствуваме светот на четири-димензионалниот простор-време туку само неговите тридимензионални слики.

Овие слики покажуваат различни аспекти во различни референтни системи, така што тие ефекти ни изгледаат парадоксални ако пропуштиме да согледаме дека се работи само за проекции на четиридимензионални феномени, слично како што сенките се проекции на  тридимензионални објекти.

Кога би можеле да ја визуелизираме реалноста на четиридимензионалниот простор би утврдиле дека тука нема ништо парадоксално.

Мерењата и преобразбите на просторот се релативни и зависат од состојбата на движење на набљудувачот, туку и целата структура на просторот е нераскинливо поврзана со распределбата на материјата.

Прашањето за реалност на некој простор се сведува на субјективни моменти, врзани за нашата перцепција и блискоста на соодветни димензии.

За време на моето истражување и експериментирање со материјата за време на постдипломските студии на Факултетот за ликовни уметности – Област Скулптура, императив ми беше доловување на илузија на една поинаква просторност од дадената како и добивање на илузија на двојна перспектива, а сето тоа изразено  преку ефектите на транспарентноста, рефлекцијата (стаклени плочи и друг рефлектирачки материјал) и ефектот на отсликување на материјалноста (огледални плочи).

Првиот дел од решението се објктите од плексиглас доловуваат поразлична минималистичка – елементерно-логичка концепција на просторот и интеракција помеѓу илузијата и плановите на објектот, помеѓу разбирањето и гледањето.

Вториот дел од решението ќе биде поставеноста на елементите на под, така што објектите кои се добиени со напластување на една плоча врз друга почнувајќи од најмала до најголема и обратно го запазуваат минималистичкиот начин и геометризмот што го имплициран во мојот магистерски проект.

Нижењето на плохите една позади друга како и напластувањето на стаклените плохи една врз друга укажува на структурни единици растегнати меѓу видливото и невидливото: просторот што го опфаќа окото и оној што и е достапен само на/за мислата. Јазикот, односно пристапот е минималистички и ги хармонизира / обединува феноменологијата на визуелното во концептот.

Тие  се резултат на играта каде што во преобразбите на различната просторност и двојната перспектива се насетува во перцепираниот свет што треба, во одредени случаи, да се покаже и во неговата тродимензионалност. Таквата предиспонираност ја открива суштината на невидливите нешта што одеднаш преминуваат во она што е “обично”, во стварноста во која живееме.

Воведувањето на оптичка илузија на двојна перспектива е само еден дел од проблемот со кој се занимавам преку моите стаклени објекти низ кои што сакам да ја претставам повеќедимензионалноста, раслоеноста и преобразбата на просторноста, при што секој елемент е дел од една мозаична целина, но истовремено води кон различни перцепции на “другата просторност” на сосема поразличен начин комбинирајќи ги со другите, така сочинувајќи повеќе паралелни нарации во рамките на решението.

Во магистерскиот проект императив ми се облиците што се во зависност од внатрешните движења.  Објектот за мене е организам со внатрешна динамика и се што е во фокусот на моите интересирања е во процес на метаморфозите, бранувањата, на оптичката илузија, нијансите.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Театарската претстава „Сите сме птици“ во режија на Слободан Унковски вечерва на репертоарот на МНТ

Вечерва со почеток во 20:00 часот, на големата сцена во Македонскиот Народен Театар во Скопје, …