Сеќавање: 24 години без нашиот истакнат поет, есеист и раскажувач Славко Јаневски

Славко Јаневски е роден во Скопје на 11 јануари 1920 година. Тој беше истакнат македонски раскажувач, романописец, поет, филмски сценарист, есеист и сликар.

Долги години бил член на МАНУ и Друштвото на писатели на Македонија. Тој припаѓа на првата генерација македонски писатели по Втората светска војна, која ги поставила темелите на современата македонска книжевност. Неговиот роман „Село зад седумте јасени“ (1952) е првиот роман објавен на стандарден македонски јазик.


Јаневски завршил основно и стручно-техничко училиште во Скопје. Учествувал во НОБ. Од 1945 година е уредник на првиот македонски весник за деца „Пионер“, а потоа бил главен уредник на повеќе книжевни списанија, како што се: списанието за деца „Титовче“, списанијата за литература и уметност „Нов ден“ и „Современост“, литературниот весник „Хоризонт“ и хумористично-сатиричниот весник „Остен“. Во меѓувреме работел како уредник во издавачките куќи „Кочо Рацин“, „Наша книга“ и „Македонска книга“.

Во 1946 година, во Скопје, Славко Јаневски, Блаже Конески, Ацо Шопов, Владо Малески и Коле Чашуле го формирале Друштвото на писателите на Македонија, кое тогаш броело седум члена. Потоа, Јаневски бил и претседател на Друштвото. Исто така, тој бил член на Македонскиот ПЕН центар, претседател на Советот на СВП, како и член на МАНУ од нејзиното основање во 1967 година.


Јаневски оставил трага и во македонската кинематографија, како автор на неколку филмски сценарија: во 1967 година, тој ја адаптирал класичната историска драма на Војдан Чернодрински „Македонска крвава свадба“, во режија на Трајче Попов; соработувал со Панде Ташковски на филмската адаптација на епскиот воен роман „Доследни на заветот“, пренасловен во „Македонскиот дел од пеколот“, во режија на Ватрослав Мимица; и ја адаптирал сопствената хуманистичка новела „Две Марии“ за филмот со наслов „Јазол“, во режија на Кирил Ценевски.

Славко Јаневски e добитник е на многу награди и признанија, меѓу кои: „АВНОЈ“ (1968); „11 Октомври“; наградата на СВП „Браќа Миладиновци“; наградата на градот Скопје „13 Ноември“; „Кочо Рацин“; „Македонско слово“; наградата за книжевен опус на ИРО „Мисла“ и „Мирослав Крлежа“. Исто така, тој е добитник на две златни арени за сценарио на филмскиот фестивал во Пула, за филмовите „Волчја ноќ“ (1955) и „Македонскиот дел од пеколот“ (1974).


Во спомен на неговото дело, на 29 јануари 2010 година, во паркот „Жена-борец“ во Скопје бил откриен негов споменик, дело на академскиот вајар Томе Серафимовски. Исто така, во Општина Центар во 2013 година била отворена читална именувана во негова чест.

Починал на денешен ден во 2000 година во Скопје.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

АКТУЕЛНА МЕТЕО НАЈАВА: Во вторник и во среда повторно свежо и врнежливо – Можно е ново невреме, особено во вторник

Метео прогноза на Славчо Попоски: Под влијание на влажна и свежа воздушна маса од север, …