СИТЕ МНОГУ добро знаат дека кучињата се одлични миленици. Но, дали семејното куче навистина може да помогне во развојот на малите деца? Една нова студија објавена во списанието Pediatric Research вели дека може. Според Very Well Family, кој првенствено се фокусирал на зголемена физичка активност кај децата чии семејства имаат кучиња во споредба со домаќинствата без домашни миленици, студијата открила и голем број други придобивки од поседувањето куче кај децата.
Според психологот Ејми Морин, растењето со куче може да донесе бројни придобивки за детето, било да е тоа во однос на неговиот социјален или емоционален развој.
„Помагањето на семејството да се грижи за кучето може да им помогне на малите деца да се чувствуваат како да се дел од тимот. Тие се чувствуваат моќни кога ќе видат дека можат да помогнат во грижата за животното, без разлика дали тоа е хранење или шетање. Тие исто така се чувствуваат повеќе корисни и посамоуверени затоа што можат да помогнат во обврските околу грижата за домашно милениче“, објаснува Морин, која додава дека поседувањето куче буквално му помага на детето да биде емотивно поинтелигентно.
Имено, како што покажуваат истражувањата, децата кои растат со куче имаат повеќе емпатија, сочувство и самодоверба, што ги прави поуспешни и во детството и подоцна во зрелоста.
Ова се само некои од придобивките од поседувањето кучиња што ги истакна најновата студија:
– зголемена одговорност кај детето
– чувство на идентитет и независност
– безусловна љубов и лојалност
– зголемена самодоверба
– поголемо чувство на емпатија
– поголема физичка активност.
Дополнително, претходните студии покажаа дека овие деца имаат 23 отсто помали шанси да имаат потешкотии во изразувањето и препознавањето на чувствата и социјалните интеракции отколку децата кои пораснале во семејства без куче.
Фото: Архива