Промоција на стихозбирката „Огнен пој“ од Перица Сарџоски во Охрид

Денес со почеток во 18:30 часот во кафе и бар „Шила“ во Охрид ќе се одржи промоцијата на стихозбирката „Огнен пој“ од Перица Сарџоски. Промотор на книгата ќе биде Јулијана Величковска, а стиховите ќе ги чита: Ѓоко Здравески.
Поезијата на Сарџоски е трубадурска. Пее/опејува „стории“, настани, размисли. Има музички и тактирачки ритам и е певлива. Изобилува со рими и созвучија (внатрешни и надворешни, паралелни и вкрстени; а во „Огнен пој“ има и акростих изграден во внатрешноста на стиховите) и, иако формата на песните најчесто е слободна, Сарџоски умее да гради и строфи, најчесто во облик на строфите од македонската народна поезија. Стиховите се нанижени логички и структурно и се со должина на здив. Песните се или имажистички куси, или со должина на певливите песни од македонскиот фолклор, или долги како трубадурските што опејуваат настан/случка во придружба на музика. Звучноста на песните на Сарџоски е природна и ненасилена, па така, пеењето (или читањето) „се слева“ глатко. Понатаму, со традицијата на трубарудрите се поврзува и магиското, а и овде постои паралела со поезијата на Сарџоски, бидејќи неговата поезија е и езотерична и мистична. Имено, многу прасловенски тајни дишат во меѓустишијата на Сарџоски и неговите песни бараат компетентни читател(к)и и/или инспирираат за понатамошни истражувања од областа. (…) Поетската збирка „Огнен пој“ е уживање за сите сетила – и при читање и при слушање. „Огнен пој“ е (скоро) технички совршена и уметнички обдарена. „Огнен пој“ е книга која едноставно повикува на читање и препрочитување, вели во освртот кон неговото дело неговата колешка, поетесата и слемерка Елена Пренџова.
Перица Сарџоски е роден во 1976 година во Тетово, Македонија. Дипломирал на Филолошкиот факултет (англиски јазик и книжевност) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во 2001 година. Тој е поет, писател, преведувач и толкувач, истражувач, едукатор, иноватор на образовни програми, како и основач на училиштето за англиски јазик „Пегасус ЕЛС“. Во 2005 година ја има издадено поемата со наслов „Карпа жива“ во издание на „Современост“. Исто така има издадено роман патопис со наслов „Цветниот пат“ (2006). Во последно време настапува заедно со една прекрасна екипа на поети, актери и уметници кои ја промовираат слем-поезијата како нов начин на комуникација со публиката, при што до сега има учевстувано на слем-натпревари во повеќе градови низ Македонија (Скопје, Тетово, Прилеп, Битола, Кавадарци, Велес, Дојран…). Перица Сарџоски е исто така книжевен преведувач, а меѓу позначајните книжевни дела кои ги има преведувано од македонски на англиски јазик се збирката критички есеи со наслов „По трагите на смислата и убавината“ од Милан Ѓурчинов и збирката поезија „Раѓањето на зборот“ од Ацо Шопов. Себеси се гледа како поет – вљубеник во живата реч и исконската убавина на македонскиот јазик.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Маалска чистка во Кисела Вода во рамките на „Генералка Викенд“

Волонтерскиот Центар Скопје се приклучува кон пролетната акција за чистење и селектирање отпад „Генералка викенд …