Милчо Манчевски во жири на филмски фестивал во Иран

Најтрофејниот македонски филмски режисер Милчо Манчевски е во жирито на Меѓународниот филмски фестивал Фаџр, што е во тек во главниот град на Иран, Техеран. Ова е 36 издание на најголемиот ирански фестивал, а гости се над 300 режисери, сценаристи и професори од целиот свет, на чело со легендарнот американски режисер Оливер Стоун и италијанската легенда на шпагети вестернот Франко Неро.
Манчевски е во жирито на официјалната селекција за награди наречена Спас на филмот, заедно со режисерите Јоана Кос-Краузе од Полска, Димитри Атантис од Грција, кинематограферот Махмуд Калари и актерката Мерила Зараи од Иран.
Во една од програмите игра и македонскиот филм „Исцелител” на дебитантот Ѓорче Ставрески.
Манчевски е добитник на над 40 меѓународни награди и признанија, меѓу кои и почесен докторат од универзитетот ВГИК во Москва, Златен лав во Венеција, номинација за Оскар, Индепендент Спирит, Давид ди Донатело, ФИПРЕСЦИ, УНЕСКО, Сребрен кондор, ЕМ-ТИ-ВИ и други. Неговите филмови се предаваат на бројни универзитети на сите пет континенти, а влезени се и во наставната програма на средните училишта во Италија и Турција. Користени се и во наставата во Јужна Кореја. За неговите филмови се одржани две академски конференции, во Фиренца и во Лајпциг.
Неговиот петти филм „Бикини Мун”, снимен во Њујорк, во моментов игра во кино Милениум во Скопје и кината низ Македонија. Светската премиера беше во Бразил, на фестивалот во Сао Пауло, а потоа во Португалија ја освои специјалната награда на жирито. Беше прикажан и на фестивалите во Синеквест во Сан Хозе, Калифорнија, Белград и Софија, Истанбул, Франкфурт, Сарасота, а следат Нешвил, Менхетн, Шангај и други.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Промоција на новата книга за деца „Нови бајки од Македонија“

Новата книга за деца „Нови бајки од Македонија“, во издание на „Арс Ламина“ и Движењето …