Изложба – „Од поинаков дискурс“ – Фауната од колекцијата на Националната галерија

Денес во Националната галерија Мала станица, со почеток во 19.30 часот, ќе биде отворена изложбата со наслов „Од поинаков дискурс“ – Фауната од колекцијата на Националната галерија.

Дискусиите и дебатирањето за или против менување на методите и експериментирање со нови пристапи на истражување и презентирање на ликовната уметност, осовременување на истите, излегување од сигурната институционална зона со нови, автентични теми, несекојдневни и храбри компарации, анализи од изменета визура, вонстандардни систематизации и класификации, воведување на мулти, па и транс медијалност и дисциплинарност во презентациите … се само дел од многуте аспекти кои се разгледувани и анализирани на многубројните стручни колегиуми на кустосите во Националната галерија. И покрај некои благи отклони кон новите искуства на времето, институционалната сигурност и востановените стандарди тешко се пробиваат.


„Од поинаков дискурс“ е проект кој го осмисливме со тенденција да ја иницираме желбата за промена и инвентивност и да се опробаме во неистражени домени, сижеа, медиуми, со цел да пристапиме кон поинакви, нови, видоизменети исчитувања, систематизации и класификации на културното богатство со кое располага Националната галерија. Воведувањето на надворешен „куратор“ кој не е од директна уметничка провиниенција, т.е. интелектуалец чии широки академски интереси индиректно ја вклучуваат визуелната уметност како писатели, философи, режисери, глумци итн. чиниме дека ќе понуди една поинаква пристапност, нестандардна тематика, специфичен паноптикум на гледање на методологиите во истражувањето или презентирањето на делата од нашата колекцијата. Поканетите куратори работат во тесна соработка со внатрешни куратори – кустоси во галеријата, и како резултат на нивната плодна работа ќе произлезат овие сесии на повеќегодишно осмислениот проект „Од поинаков дискурс“.
Целејќи дека ваквите перспективи на гледање на нештата „од поинаков дискурс“ ќе придонесат за нови сознанија и нови читања на историјата на уметноста, а истовреме ќе бидат интересни и за љубителите на уметноста, се радуваме на секоја нова можност за вадење на различни дела од нашите депоа, а со тоа и самите дела ќе ја продолжат својата главна намена – да комуницираат со нивните реципиенти и да соопштат одреден став.

„Фауната во колекцијата на Националната галерија“, е концепт кој го осмисли проф. Д-р Иван Џепаровски и тој е фокусиран кон екокритичката и фаунокритичката имагинација во современата уметност.


Во својот текст кон изложбата проф. д-р Џепаровски пишува: „Она што се случува во последниве деценија-две во сферите на теоријата и на естетиката несомнено е појавувањето на еден своевиден теориски „животински пресврт“ (animal turn), сроден на поранешните лингвистички, постмодернистички, постколонијални, родови или дигитални пресврти, зашто оставањето на светот на животните на маргините на филозофските, антрополошките, социолошките, книжевните или на уметничките истражувања денес веќе не е можно, а појавувањето, пак, на низа мултидисциплинарни истражувања покажува дека разделувањето на човечкиот свет од светот на животните носи низа политички, еколошки, етички и биоетички проблеми кои бараат преосмислување на третманот и на претставата на животните во книжевните, а оттаму и во уметничките дела од минатото и од денешницата. На овој план, секако, треба да се укаже и на појавувањето на голем број дела посветени на оваа проблематика, меѓу кои се истакнуваат повеќе остварувања од кои укажувам на две: книгата на авторите Клинџендер, Антал и Хартан под наслов „Животните во уметноста и во мислењето“ и зборникот подготвен од Ененкел и Смит насловен како „Раната модерна зоологија: конструкцијата на животните во науката, книжевноста и во визуелните уметности“ , дело во кое овие прашања мошне успешно се тематизираат“.

На изложбата ќе бидат поставени 80 тина дела од богатата колекција на Националната галерија и од југословенската и од националната ризница на ремек дела, меѓу кои и: Иван Мештровиќ, Крстo Хегедушиќ, Мило Милуновиќ, Иван Генералиќ, Весна Соколиќ, Рико Дебењак, Оливера Кангрга, Никола Мартиноски, Лазар Личеноски, Боро Митриќески, Томо Владимирски, Димитар Пандилов Аврамовски, Владимир Георгиевски, Петар Мазев, Вана Урошевиќ и многу други.
Изложбата ќе трае до средината на јануари 2024 година.
Организација на изложбата: д-р Ана Франговска.
Иван (Ивица) Џепароски (1958, Скопје) е поет, филозоф и преведувач. Дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје каде што магистрирал и докторирал. Автор е на дваесет и пет книги, и тоа: на шест поетски книги, на единаесет книги од областа на естетиката и на културната теорија, на две поетски антологии и на шест теориско-есеистички избори. За своето творештво ги има добиено наградите „Млад Борец“ (1984), „Димитар Митрев“ (1993) „Парадигма“ (2009) и „Браќа Миладиновци“ (2016). Работи на Филозофскиот факултет во Скопје како редовен професор по предметите: Естетика, Историја на естетиката и Филозофија на културата. Бил и е раководител на Институтот по филозофија (2004- 2009; 2013- ) и секретар на Македонскиот ПЕН Центар (1999-2001; 2008-2014). Се занимава и со превод: Вилијам Блејк, Џејмс Џојс, Јосиф Бродски, Дејвид Хјум, Едмунд Берк итн. Добитник е и на наградата „Григор Прличев“ (1993) за поетски превод. Неговата поезија и некои од неговите есеи се преведени на над десетина странски јазици во светот. Поетски дела: Слики од изложбата; Еклоги; Песни; Волја за мисла; Грабнувањето на Европа; Светлината на Света Гора.


©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

„Заспаната убавица“ од П. И. Чајковски на 15 мај со почеток во 20.00 часот во рамките на меѓународниот фестивал 52. „Мајски оперски вечери“

Безвременскиот, волшебен класичен балет „Заспаната убавица“ преточен во прекрасната музика на Петар Илич Чајковски ќе …