Проектот за популаризација на полските книжевни достигнувања меѓу македонската читателска публика започнува токму од Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје.
Скопје, 14 февруари – Полскиот амбасадор во нашата земја, Н.Е Кшиштоф Гжелчик вчера ја посети Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје и донираше збирка од педесетина наслови од полски автори преведени на македонски јазик. Донацијата, што во име на библиотеката ја прими директорката Снежана Стојчевска, е симболичен почеток на проектот „Полска на полица. Полската книжевност во македонските библиотеки“.
– Задоволни сме што Амбасадата на Полска ја препозна токму нашата библиотека како партнер во овој проект, бидејќи делиме заеднички заложби за промоција на вистинските естетски вредности. Исто така, го делиме и верувањето дека библиотеката во денешно време треба да биде многу повеќе од простор за зајмување книги. Силно веруваме дека библиотеката треба да биде активно и отворено културно јадро – истакна директорката на библиотеката, Снежана Стојчевска.
Проектот за популаризација на полските книжевни достигнувања меѓу македонската читателска публика започнува токму од Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје каде што на 27 февруари ќе се одржи и семинар за македонските библиотекари. Предавањата ќе бидат посветени на полската книжевност, особено на насловите од донираната збирка, во која има класици, современи автори, како и книги за деца и млади. На семинарот ќе говорат професорите и преведувачи од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“- Скопје: проф. д-р Лидија Танушевска, проф. д-р Јасминка Делова-Силјанова и проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, како и претставник од полскиот Институт за книга.
Во мај, како дел од активностите, ќе се одржи и Месецот на полската книжевност со гостувања на неколку современи полски писатели и нивно претставување пред скопската и македонската публика.
Иницијатори и координатори на проектот „Полска на полица“ во Македонија се Јоланта Гжелчик и д-р Билјана Кочишка советник-библиотекар за меѓународна соработка во Градската библиотека. Автор на дизјанот е Наталија Лукомска. Проектот е поддржан од македонското Министерство за култура и полскиот Институт за книга.