(ФОТО) Во Брисел отворена спомен соба во знак на сеќавање на нашите истакнати уметници Есма и Стево Теодосиевски!

Темпераментниот и правдољубов посинок на Есма Реџепова, Симеон Атанасов, ги информираше медиумите за отворањето на спомен -собата во чест на легендарните Есма и Стево Теодосиевски во Брисел:
– Со големо задоволство ве известувам дека во Брисел, на 1. октомври 2021. година беше отворена спомен -соба на големите уметници и хуманисти Есма и Стево Теодосиевски. Оваа идеја беше поттикната од моето незадоволство од актуелната влада, која не покажа интерес за музејот на Есма и Стево Теодосиевски, кои го оставија во наследство на Македонија. Мојата идеја немаше да стане реалност без големата поддршка на г-дин Оливие Бони и неговата сопруга Елеонора Мустафовска. Нивната организација „ESMA-CARREFOUR DE CULTURES“, која е главен организатор на оваа изложба, планира да го претстави овој проект во неколку градови низ Европа.


Иницијатор Симеон Атанасов


Изложбени експонати

– Во Брисел, од 1 октомври до 15 октомври, ќе бидат изложени фотографии, како и неколку фустани што Есма ги носеше на нејзините концерти, накит, најновата книга на авторот Славе Катин, итн.…
За жал, не успеавме да зачуваме многу дела за изложување, но се надевам дека еден ден ќе бидат казнети оние што незаконски однесоа се што беше вредно од долгата кариера на Есма и Стево Теодосиевски. Апелирам до надлежните институции, „Господа“, нека ова биде уште еден поттик за вас да го решите судскиот спор што трае речиси пет години. Есма и Стево Теодосиевски заслужуваат многу повеќе, бидејќи тие се единствените уметници што го оставија целиот свој труд на Македонија – нагласи Симеон, кој очигледно не може да се помири со рамнодушноста на надлежните институции…


Спомен соба

Дел од традиционалната носија на Есма

Единствената ќерка на Есма, Елеонора Мустафовска, која не го криеше задоволството од успешно спроведената мисија, зборуваше и за спомен-собата:
– Ми значи премногу и многу сум среќна што можам да направам се за мама Есма, бидејќи направи многу за мене, заслужува многу повеќе од ова. Со сопругот Оливие Бони направивме организација, наречена „ESMA – CARREFOUR DE CULTURES“, бидејќи ни е од големо значење да се направат уште многу проекти, кои ќе ја опфатат ромската култура и традиција“.

Организаторите


Посетеност

Сопругот на Елеонора, Оливие Бони, ја нагласи потребата за таков афирмативен концепт и прецизираше:
– Со нашата невладина организација, ние сме многу среќни што успеавме многу подетално да ги откриеме животот и кариерата на Есма, бидејќи таа беше важна фигура во балканската и ромската музика. Моравме да бидеме трпеливи бидејќи година и пол нашите активности, нашите желби беа во мирување, но сега започнавме со активности! Оваа изложба е место за откривање, за медиуми кои поддржуваат размена и дијалог меѓу заедниците, меѓу нациите. Музиката и уметноста не познаваат граници и не сакаме изложбата да патува во други градови и земји. Тие, исто така, сакаат да ги охрабрат луѓето кои премногу често се сметаат за изолирани од општеството, бидејќи меѓу Ромите има многу уметници и творци, а самата Есма тоа го демонстрираше цели 55. години.

Биба КРНЧЕСКА

Извор:svet-australia

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Почина таткото на Тоше Проески

Веста за неговата смрт на социјалните мрежи ја објави неговата ќерка Дора, „Светол патот, татко …