Офшор заедницата на Ирска нуди дарежливи парични награди за заживување на руралните и напуштените области.
Ако некогаш сте сонувале да отфрлите сè и повторно да го осмислите вашиот живот на оддалечен остров, ова може да биде вашата шанса.
Ирска започна програма во која ќе плаќа дарежливи парични стимулации на луѓето кои ќе одлучат да се преселат во една од офшор заедниците на нацијата. Иницијативата е дел од политиката „Our Living Islands“, со која ирската влада сака да го зголеми населението на ирските острови. Ако ви звучи убаво таков живот, можете да заработите и до 80.000 евра.
Целта на оваа кампања е да се осигура дека одржливите и оддалечените заедници можат да продолжат да живеат и да напредуваат. Звучи одлично, но има една цака, односно неколку услови за преселба. Програмата „Our Living Islands“ им помага на заедниците на 30 острови кои не се поврзани со копното со мостови. Како дел од проектот, ирската влада ќе плати повеќе од 80.000 евра на новите жители на офшор заедниците.
Сепак, тоа не значи преселба во удобна куќа на остров. Добиените пари ќе треба да се искористат за реставрација на напуштени и трошни куќи. Потенцијалните жители мора да купат имот на еден од островите, куќата мора да била изградена пред 1993 година и мора да била напуштена најмалку две години.
Постојат и правила за користење на готовина што е одобрена. Парите може да се искористат за градежни работи како што се поставување изолација, структурни подобрувања и ремоделирање.
Доколку тоа ви одговара, апликациите може да се испратат најдоцна до 1 јули. Локалните власти на островите малку се разликуваат во нивните политики за прифаќање странци, па ако сте заинтересирани, дознајте повеќе на веб-страницата „Our Living Islands“.
Има многу слични примери низ Европа. Еден од нив е забележан во Италија. Во југозападниот италијански регион Калабрија, властите одлучија да понудат до 28.000 евра на сите заинтересирани за да се преселат и да го започнат својот живот таму. Оваа акција се однесува на сите села со помалку од 2.000 жители, со цел да се смени долгорочниот тренд на депопулација.
Фото: Принтскрин/Our Living Islands