„БУМБАР И ШТИКЛА“ – #ИЗЛОЖБА НА ЦРТЕЖИ НА МИЛЕ НИЧЕВСКИ

Денес 08 јули 2023 година, со почеток во 21:00 часот во кафе бар „наГоре“ (Нагоре) во Струмица ќе биде отворена изложбата „Бумбар и штикла“ на Миле Ничевски.


Ова е шеста изложба годинава на Здружението за развој на културата и заштита на културното наследство „Контекст – Струмица“ (Kontext), дел од проектот #ЅидНаУметноста кој има за цел да презентира актуелни ликовни уметници од Македонија пред струмичката јавност и сите заинтересирани за тековните визуелни достигнувања на нашата уметничка сцена.

„БУМБАР И ШТИКЛА“ ИЛИ МОЖЕШ ДА МЕ ПОГЛЕДНЕШ И ПОД ОКО


Миле Ничевски е добро познат на ликовната свена во Македонија, тој е визуелен уметник кој освен делата на платно, најчесто ги користи стрипот, карикатурата, колажот, муралот и најразличните скици и цртежи преку кои со едноставни линии знае да пренесе одредени приказни амбиенти и директни пораки кои отворено комуницираат со гледачот. Тој креира уметнички дела кои се поврзани со времето и просторот кога се создадени, а неговиот автентичен и авангарден пристап го става на листата на најважните актуелни ликовни уметници на денешницата.

Мајсторски прави пресек на одредени ситуации од секојдневието, а честопати знае да ги искомбинира со симболи и знаци кои ја дополнуваат самата композиција, додека пораките кои негогаш ги вметнува во своите дела, доловуваат една особеност која не ве остава рамнодушни. Со основни елементи тој перфектно гради разиграност преку динамични сцени кои на момент можат да бидат исчитани како сатирични, социјални, традиционални, романтични или еротски, но ете како неговиот ликовен израз во целост може да се дефинира како ангажиран од многу аспекти.


Неговиот пристап е наивистички, симплифициран, а цртежите лаконски презентираат уникатна магичност, која граничи со суровоста и бруталноста која како предизвик ја живееме, истовремено допирајќи до историографското минато, но и современиот тек на обичниот човек, разокривајќи ги повеќето лица на моментумот кој го проживува.

„Бумбар и штикла“ претставува селекција од цртежи преку кои тој воспоставува контакт со нашите предрасуди, стравови, изненаденост, илустрира моменти меѓу сонот и јавето, меѓу реалното и имагинацијата, дијалогот кој го гради со самиот себе како креатор и посматрач, храбро нижејќи го невозможното во целината на гледливото и возможно. Миле Ничевски преку овие цртежи документира една вистина која многумина сакаат да ја избегнат, открива светови кои најчесто повеќето ги кријат, остроумно доловувајќи ја перцепцијата на колективната меморија отаде земното и разбирливо. Со најпристапните материјали кои му се на дофат (молив, креда, маркер, дрвени боички, фломастери…) тој се расприкажува како длабокоумен писател кој отвора универзални портали, свесно поместувајќи ги границите на визуелното.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Стенд ап настап на Александар Георгиевски – G Vision вечерва во Оро

Третиот по ред стенд ап во Оро, ќе се одржи денес, со почеток во 21:00 …