Познатиот македонски водител и пејач, Драган Вучиќ починал денеска на 65. годишна возраст.
Според едни информации познатиот пејач, водител и телевизиско лице Драган Вучиќ починал на Инфективната клиника во Скопје, а за некои медиуми веста ја потврдиле негови блиски како и извори од Институтот за јавно здравје кои тврдат дека причината за смртта се компликации од коронавирусот.
Веста за неговата смрт, без детали, ја потврдил и синот, Мартин Вучиќ.
Се уште не се познати дополнителни детали поврзани со причините за смртта.
Драган Вучиќ е роден во 1955. година во Скопје. Тој е композитор на „Свирете ја Зајди зајди“, „Ангели ме носат“, „Кажи ѕвездо“, како и на песната „Мake my day“ со која неговиот син, Мартин Вучиќ ја претставуваше Македонија на Евровизија во 2005 година. Во девесетите беше дел од поп-фолк групата „Кода“. Вучиќ е познат во јавноста и како водител на многу квизови, како „Среќни луѓе“, „Вашите пет минути“, „Возење со Вучиќ“ и други.
Фестивалот „Макфест“ на својата официјална Фејсбук страна во сеќавање на Вучиќ ја објави песната „Свирете ја зајди, зајди“ која тој ја има компонирано.
Композиторот Љупчо Мирковски на својот Фејсбук профил објави проштални зборови за својот пријател. „За жал, ја изгуби битката. Почивај во мир другарче мое“.