Веста за смртта на актерот кој во Македонија остави голема трага, Ванчо Петрушевски, првично беше дочекана како шок бидејќи за сите кои го познаваа беше скоро невозможно таков човек, личност, полн со енергија, секогаш „во акција“ едноставно да умре…Невозможно…
Но, првичниот шок ја замени реалноста – Ванчо Петрушевски умре во несреќен случај…Можеби, такво нешто и’ можевме да очекуваме за човекот кој беше преполн со енергија, визии, кој секогаш работеше а ниту пензионерските денови не го спречија во неговиот многу активен живот…Ванчо беше во онаа група актери кои воведе некои нови „правила и визии“ на актерската игра…
Комеморацијата за актерот Ванчо Петрушевски кој почина, во несреќен случај, вчера на 67. години, ќе се одржи во понеделник во 10 часот во неговиот матичен Драмски театар.
Неговите посмртни останки ќе бидат изложени од 12. до 13. часот во капелата на Градските гробишта во Бутел, а потоа ќе биде погребот.
Петрушевски почина на 67. години, а неофицијално, загинал од струен удар во неговата викендичка во Орешани, близу Драчево, каде живеел во летните месеци.
Петрушевски е роден на 19. април 1951. година во Скопје. Завршил Висока музичка школа, отсек за актерски кадри во Скопје, а во 1975. година се вработил во Драмскиот театар во Скопје.
Во матичниот Драмски театар се пензионираше во 2016. година, но беше активен на сцената и последниве години. Меѓу неговите последни улоги е во претставата „Буре барут“ во режија на Сашо Миленковски.
Петрушевски е познат по улогите во голем број на ТВ-емисии, радио драми, филмови, претстави, какo: „Македонски народни приказни“, „Хихирику“, „Ангели на отпад“, „Трст виа Скопје“, „Среќна Нова ‘ 49“, „Трето доба“, „Диво месо“, „Грев или Шприцер“, „Солунски патрдии“, „Опстанок“, „Пресуда“.Да не го заборавиме ниту „Женски оркестар“…
Петрушевски во богатата кариера ги има добиено наградите: „Димче Трајковски“ за епизодна улога на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп за ликот на Јаков во претставата „Дупло дно“ од Горан Стефановски, најпопуларно ТВ лице според весникот „Вечер“ за 1987. година, награда за најдобро актерско остварување на филмот и телевизијата според анкета на ревијата „Екран“, награда на „Војдан Чернодрински“ за улогата на Јанко во „Собирен центар“ од Ковачевиќ, како и државната награда „23 Октомври“ за остварување во областа на културата и уметноста во 2016 година.