(ВИДЕО+ФОТО) „Макфест 2019“: Конечно нешто реално – заслужена победа на „Сто пати на ден“ со Мартинијан!

Повеќе од три децении и со над 1000 композиции „Макфест“ е фестивал хроничар на македонската забавна сцена, создавајќи познати хитови, многу од нив и до денес популарни. Почнувајќи од првиот победник „Кога те нема“ со Хелена Благне, па се до денес „Макфест“ им овозможи на многу изведувачи да се пробијат на регионалната музичка сцена…
И, така би можеле до недоглед…Да ги набројуваме победниците, хитовите, песните кои останаа и по неколку децении, но синоќа заврши 34. издание на „Макфест“ и ако е успех од еден фестивал, на кој беа изведени 30. композиции, да останат 2 – 3 кои ќе се памтат – тогаш „Макфест 2019“ е успешен…


Но, тоа е веќе обврска и одговорност на уметничкиот директор Владимир Дојчиновски, како и на техничкиот Панајотов кој би требало да го крене фестивалот барем до некои од нивоата кои ги памтиме. Не смее ништо да биде оправдување за поголем квалитет, организираност и одговорност на луѓето што работат…Без оглед дали и понатаму ќе биде под покровителство на општина Штип и Министерството за култура, „Макфест“ и без таквата помош бил успешен и препознатлив…


Но, музиката е најважна на еден фестивал, а она што го слушнавме и секако видовме не заслужува преодна оценка. Ниту една двојка бидејќи во глобала се’ беше ЛОШО (чест на неколку исклучоци)…На сцената на „Макфест“ не смее да има место за недоречени песни, лоши изведувачи, или пак за комбинација певлива песна и лош интерпретатор, ниту пак за местенки – кој ќе оди во финалето според она народното – „ќе помине“…Не, господа не може да поминува бидејќи се се памти…„Еднаш изведено,снимено, сликано останува засекогаш“ па така и негативните критики за годинешниот фестивал.
Конечно дознавме и кои се луѓето кои ја одлучуваа судбината на изведувачите и авторските тимови, односно членовите на жирито – Јошко Бошковски, Виолета Арсовска, Ивана Ѓурѓевиќ и Кирил Панајотов, како што рече Марјана Станојковска.
„Гласањето е 50:50, односно секоја влезница во салата е глас, а останите 50 се на стручното жири. Фестивалот и оваа година го пренесува МТВ, водителка и оваа година е Маријана“, рече Кирил Панајотов пред фестивалот. Но, очигледно и тој самиот не си ги знае правилата (се користеа оние евровизиските – најдобриот од публика и жирито добива 12,10…и така се до 1 поен, и на крај поените се собираат и се добива конечниот резултат).


Бидејќи ако беше како што изјави Панајотов ќе значеше дека во салата има едвај 50 луѓе…Нејсе, има време па ако сака и ќе научи.
По преслушување на првите 15. композиции,кое, ако сме искрени, малку наликуваше и на измачување бидејќи требаше да се слушне се и сешто, дојдоа на ред оние последните пет кои беа и најголеми фаворити за победа. Меѓу нив се издвои „Сто пати на ден“ во изведба на Мартинијан Кириловски кој уште еднаш ги покажа своите гласовни и изведувачки квалитети…
Мартинијан Кириловски, композиторот Ристо Самарџиев и аранжерот Иле Спасов со песната „Сто пати на ден“ се победници на 34.тото издание на фестивалот „Макфест“ (5.000 евра), кое се оддржа во Центарот за култура „Ацо Шопов“ во Штип. Второто место им припадна на Александар Митевски и Драган Спасов Дац за песната „Уште ми шалиш“ (3.000 евра), додека третото им припадна на групата Фрајле за композицијата „Не и признавај“ на авторскиот тандем Поп-Симонови (1.000 евра)…

Наградата за најдобар аранжман ја доби Иле Спасов за композицијата „Твоите очи лажат“.
Најдобар сценски настап имаше Мартија Станојковиќ за изведбата на „Возбуда и љубов“.
Најдобра вокална интерпретација, според жирито, имаше Росана Сариќ Тодоровска, за песната „Спомени“.
Наградата за најдобар дебитант ја доби струмичанката Славица Ангелова која ја изведе композицијата „Љубовта не боли“.

На победниците на „Макфест 2019“ им честиташе и претседателот Стево Пендаровски кој со сопругата присуствуваше на финалната вечер…

Мартинијан Кириловски – „Сто пати на ден“

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Вечерва во Драмски игра претставата „Фирма“

Вечерва во Драмскиот Театар во Скопје, со почеток во 20:00 часот, ќе може да ја …