Полицијата во Велс објави нови снимки од масовна тепачка на погреб во која биле користени мачети, секири, цигли, безбол палки и чекани. Девет лица кои присуствувале на погребот биле уапсени минатиот месец, шест месеци откако расправијата меѓу две групи роднини станала насилна пред крематориумот Мористон во Свонси.
На снимката се гледа разбеснета толпа која трча низ гробиштата со оружје, додека возилата брзаат меѓу надгробните споменици. Во еден дел, Џејмс Кофи, кој бил затворен на две години и три месеци за претходна тепачка, ја проверува главата дали има рани додека крвта му тече по вратот.
Во друг тензичен момент возило кое се движи со брзина од 30 километри на час за влакно промашува човек во инвалидска количка и лицето кое го турка додека одат покрај гробовите.
„Мислам дека луѓето беа шокирани од овој инцидент – неговиот обем, степенот на насилство, локацијата и непочитувањето што го покажаа еден кон друг. Имајќи го предвид видот на оружјето што се користеше и начинот на кој возилата беа возени околу гробиштата, среќа е што никој не е убиен, изјавил за „Велс онлајн“ инспекторот Карл Прајс, кој бил задолжен за истрагата.
Полицијата после судирот ги пребарала болниците во југозападен Велс, бидејќи знаела дека инволвираните лица биле сериозно повредени. Камерите фатиле неколку од осомничените како се обидуваат да го отстранат оружјето фрлајќи го во поток на работ од блиската фарма.
Подоцна на судот на Свонси било кажано дека тепачката била предизвикана од кавга помеѓу две „фракции“ во поширокото семејство. На едната страна биле О’Брајан и Кофи, а на другата Марфи и Томас. Во тоа време се одржувале уште два погреби, а на ужалените семејства им се заканувало насилство. Судијата Пол Томас изјавил дека учесниците во судирот се подготвувале за тепачката.
„Беше надвор од случајност што на двете страни од конфликтот беа пронајдени најмалку една мачета, чекан, безбол палка, рачка од копач, лопата, а можеби и палки за голф. Според достапните снимки, некои од присутните на погребот биле облечени соодветно за погреб. Многу други биле во елеци со оружје што лесно можеле да го спакуваат во своите возила или кај себе“, рекол судијата.
Извор:Mondo.rs