Сеќавање: Пет години без нашиот режисер, драматург и професор Златко Славенски

Златко Славенски е роден во Скопје на 8 август 1966 година. Во родниот град каде завршил основно и средно образование. Во 1986 година се запишал на редовни студии на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на катедрата за Општа и компаративна книжевност. Во потрага по задоволување на својата потреба да се занимава со режија, во 1988 година ги прекинал студиите и отишол во Велика Британија, каде во Лондон се запишал на студии по филмска режија на познатата филмска школа London International Film School (LIFS).

Поради стопирање на државната стипендија (во почетната фаза на распадот на СФРЈ), во 1990 година го прекинал студирањето во Лондон и се вратил во Македонија, каде истата година се запишал на Факултетот за драмски уметности во Скопје, на отсекот за интермедијална режија, во класата на проф. Слободан Унковски и проф. Столе Попов, каде дипломирал во 1994 година. Исто така, паралелно продолжил со прекинатите студии од Општа и компаративна книжевност, каде дипломирал во 1993 година.


Во 1997 година му отпочнала и академската кариера, вработувајќи се на Факултетот за драмски уметности – Скопје како помлад асистент. Во 2016 година бил избран во звање редовен професор. Славенски е режисер на голем број театарски проекти, па сè до денес има реализирано повеќе јавно изведени театарски проекти како што се „Безљубни“, „Сината птица“; „Инфинити“ „Кафкаски круг со креда“, „Соларис“, „Супернова“, „Бесови“, „Визија“, „Времеплов“, „И коњите ги убиваат, зарем не?“, „Побрзи од светлината“, „Спиро Црне“, „Летот на пчела околу една калинка, неколку секунди пред будење“, „Троил и Кресида“, „Розенкранц и Гилдестерн се мртви“, „Амадеус“, „Злосторство и казна“, „Пречистување“, „Време за сонување“, „Казабалкан“, „Будење на пролетта“, „Пер Гинт“, „Собрани дела на Вилијам Шекспир“, „Папокот на светот“ и други.

Во текот на својата кариера има добиено голем број награди: награда за најдобра претстава на Македонскиот театарски фестивал (МТФ) Војдан Чернодрински за претставата „Розенкранц и Гилдестерн се мртви“, награда на ревијата Екран за најдобра претстава „Амадеус“, награда на весникот Нова Македонија на МТФ Војдан Чернодрински за претставата Будење на пролетта, награда на весникот Нова Македонија за најдобра претстава на Фестивалот Охридско лето, за претставата Пер Гинт и многу други.


Автор е на книгата „0,1 – Краток вовед во бесконечноста“.

Починал во Скопје на 8 април 2019 година.


©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

МЕТЕО АНАЛИЗА ЗА 1 МАЈ: Попладневна изолирана нестабилност, проследена со пороен дожд, грмежи и засилен ветер – Истата ќе продолжи и преку ноќта кон 2 мај

Метео прогноза на Славчо Попоски: Како што веќе подолго време најавуваме, утре на 1 мај …