Денес роденден слави нашата позната пејачка Маја Вукичевиќ

Маја Вукичевиќ е родена на 8 април 1974 година. Најпрвин, кариерата ја започна како ТВ презентер и новинар, но музиката цело време била присутна во нејзиниот живот, благодарение на нејзината мајка Милка, која била оперска пејачка.

Нејзиното пејачко деби се случи во септември 1997. година, кога на фестивалот Охридски трубадури ја исполни композицијата Единствен на Кире Костов и Огнен Неделковски, за чија интерпретација се здоби со награда. Потоа, Маја ја продолжува кариерата на фестивалите Еврофест ’97 и Скопје ’98. На Скопскиот фестивал настапува со песната Број до десет на Стево Чрчев и Александар Митевски, за која аранжманот го напиша познатиот белграѓанец Раде Радивојевиќ. Во текот на 1998. година Маја соработува со тандемот Дарко Димитров – Александар Ристовски – Принц, од која се изродува песната „Остави ме“, со која вокалистката успеа да се издигне над просекот и со која почна високо да котира на македонските топ листи. На штипскиот музички фестивал Макфест ’98 настапува со техно-темата Слепец со која (без оглед што поминува без награда) успева уште поцврсто да ги зајакне своите позиции.


Годината што следува, 1999 г., Маја Вукичевиќ најмногу ја посветува на својот визуелен изглед. За темата Јас со помош на белградскиот режисер Дејан Милиќевиќ реализира ефектен видеоспот, а со спот ја илустрира и својата следна композиција Признавам (од Макфест ’99) на Кристијан Габровски. За темата Немој да си наивен од Скопскиот фестивал 2000. година не бил реализиран видеоспот, иако со истата Маја имаше забележителен сценски настап. Потоа, заради семејните обврски Маја Вукичевиќ едно време апстинираше од музичката сцена, а ништо не се случи ниту со нејзината соработка со водачот на Архангел – Ристо Вртев, која беше помпезно најавувана, и која требаше да резултира со албум. Место тоа, вистинското враќање оваа пејачка го имаше на Макфест 2002, каде настапи со песната Зборови на Кристијан Габроски, и со која имаше забележителен настап. Успехот на оваа композиција ја иницираше повторната соработка на Маја Вукичевиќ со Кристијан Габроски, а веднаш по Макфест 2002, во неговото студио, Маја ги сними песните кои треба да се најдат на нејзиното деби-цеде – Зборови.

Среќен роденден Маја, ти посакува редакцијата на Екран.


©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

ОГРОМЕН ИНТЕРЕС ЗА ТЕМАТСКИ СТРИП КОНКУРС

  Стрип центарот на Македонија од Велес е во имплементација на Грантот “All we are …