Сеќавање: на денешен ден во 2015 година почина еден од најистакнатите македонски уметници Трајче Јанчевски

Трајче Јанчевски е роден во Куманово на 29 јануари 1928 година. Тој беше еден од најистакнатите македонски сликари.

Јанчевски е роден во скромно семејство како трето дете. Неговиот татко Коста имал сопствена пекарница (во приземјето на семејната куќа) во која правел вкусни и убаво украсени пецива, сомуни и леб, а мајка му Павлина била домаќинка. Од најраното детство малиот Трајче го развива чувството за моделирање. Тие почетоци ќе се случат во пекарницата, каде што заедно со својот брат и сестрите ќе го учи татковиот занает. Во родниот град го завршува основното образование, а средно уметничко училиште го завршил во Скопје 1949 година кај професорите Никола Мартиновски и Лазар Личеноски. Академија за применета уметност завршил во 1954 година во Белград. Таму, поради забележаниот исклучителен талент му било дозволено паралелно да заврши и сценографија. Од 1955 до 1957 година работел како професор по ликовно образование во Куманово. Во периодот 1964-1965 бил на специјализација во Париз. Од 1957 до 1988 година работел како сценограф во Драмскиот театар во Скопје, а извесен период и како вонреден професор на Педагошката академија.


Учествувал на бројни национални и интернационални изложби, почнувајќи од Петтата интернационална изложба на современа уметност во Њу Делхи (заедно со Пикасо, Шагал, Миро, Руо и др.), Интернационална изложба на современа уметност во Париз и др. За своите врвни уметнички остварувања со вонвременски ликовни вредности е добитник на бројни национални и инернационални награди. Во 1984, Награда „11 Ноември“ на град Куманово, во 1989, Награда „11 Октомври“ зас животно дело на Македонија и во 2007 г. награда на ДЛУМ „Нерешки мајстори“. Јанчевски во 1964 година ја добил наградата на фондацијата „Моша Пијаде“, во 1975 стана член на IAA AIAP UNESCO, во 1992 Издавачката куќа „Монд“ од Париз го претставува во едицијата „Мајстори и уметници од светот на 20 век“ и печати поштенски марки со две негови дела, во 1993 Издавачката куќа „Монд“ од Париз го претставува во „Златната книга на колекционери и љубители на уметноста“ со делото „Птичји ритуал“, во 1994/5 г. застапен е во едицијата “Who is Who” во меѓународната уметност во Лозана-Швајцарија, во 1996/97 г. од истата едиција е избран меѓу најзначајните светски уметници, а неговото дело „Во закрила“ е печатено во специјални изданија со поштенски марки.

Го има добиено престижниот „Златен медал“ за француска заслуга и посветеност во име на уметноста и културата од Академијата за ликовна уметност и култура за Средна Европа во Париз. Истата година е прогласен за член на „Академијата за ликовна уметност и култура за Средна Европа“. Американскиот биографски институт го вклучува меѓу најзначајните 1000 умови во светот и го одбира како дел од „Милениумската временска капсула“ за зачувување информации за идните времиња. Му била доделена и престижната награда „Златен медал“ од Американскиот биографски институт за „возвишени поединци“ од целиот свет кои со својот труд придонесуваат за социјално, научно, економско или политичко подобрување на своето општество.


По тешко боледување, Трајче Јанчевски починал во Скопје на 4 февруари 2015 година.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Промоција на новата книга за деца „Нови бајки од Македонија“

Новата книга за деца „Нови бајки од Македонија“, во издание на „Арс Ламина“ и Движењето …