Сеќавање: На денешен ден пред 21 година почина великанот Александар Сариевски

Александар Сариевски е роден на 20 јуни 1922 година. Тој беше еден од најголемите македонски пејачи на македонска народна музика и композитор на новосоздадени фолклорни песни.

Сариевски е роден во селото Галичник. Средното образование го завршил во Скопје, каде научил да свири хармоника и се заинтересирал за музика. Веднаш по Втората светска војна, веќе во 1946 година, за Радио Скопје ја снимил својата прва песна „А бре невесто око калешо“, со што ја започнува својата богата музичка кариера, која траела речиси шест децении.


Сариевски беше еден од основачите на познатиот македонски професионален фолклорен ансамбл Танец (основан во 1949 година во Скопје), со кого соработуваше и настапуваше во текот на целата своја кариера, ширејќи го оригиналниот македонски народен мелос. Александар Сариевски беше вреден собирач и прв интерпретатор на македонските народни песни, кои се прославија во целиот свет со неговата изведба, како што се песните: Јовано, Јованке, Море сокол пита, Абер доде Донке, Горичице Лилјанова, Филизо моме, Учи ме мајко, карај ме и многу други.

Сариевски е композитор и текстописец на познатата песна „Зајди, зајди јасно сонце“. Во своите песни, тој ги опеал родниот Галичник, невозвратената љубов, печалбарството, а познат е и по многуте хумористични песни. Неговиот музички опус претставува дел од македонското културно богатство. За време на својата богата и плодна кариера, тој компонирал околу 400 песни.


Сариевски починал на 19 декември 2002 година.

 


©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Денес се сеќаваме на нашиот фолк пејач Ѓоко Дончев

Ѓоко Дончев е роден на 2 мај 1949 година во Валандово. Тој беше истакнат македонски …