Ревија на носии од Горновардарска етнографска целина

Постојат неколку типологизации и класификации на македонските традиционални носии, па оттука може да се констатира дека тие припаѓаат на два типа, но во зависност од авторите, имињата и границите на некои типови на носии, не се совпаѓаат секогаш во целост. Во науката, прифатена е типологизацијата и класификацијата на Ѓорѓи Здравев, според која традиционалните носии во рамките на Македонија, се поделени во два типа, и тоа, на западномакедонски и на источномакедонски тип. Истите, понатаму се поделени во неколку вариетети, кои пак, се состојат од неколку варијанти на традиционални носии. Традиционалните носии во сите етнички предели во Горновардарската етнографска целина, според типологизацијата и класификацијата на Ѓорѓи Здравев, припаѓаат на западномакедонскиот тип на носии. Со оглед на фактот што традиционалните носии во етничкиот предел Средорек и западен дел на Славиште имаат доста слични елементи со носиите од етничкиот предел Жеглигово, од тие причини, етнолозите кои како критериум за етно-регионализацијата на македонскиот етнографски простор што првенствено ги земаат традиционалните носии, овие предели не ги класифицираат како шопски, туку ги сметаат како составен дел на Горновардарската етнографска целина.

Имено, познато е дека традицоналната носија се носела во секојдневието, на куќните слави, на имендените, на селските и црковни слави (собори), на свадбите, на крштевките и други свечени настани, но преку празничната носија се истакнувал свечениот тон на определен празник или настан. Празничното облекување кулминирало за време на најголемиот верски празник Велигден и на селските слави, кога во тие денови, без оглед на возраста, секој се облекувал во најубавата и најбогато украсена традиционална носија.


Со оглед на тоа, што, деталниот опис на традиционалните носии за секој етнички предел пооделно, би одземало многу време, Центарот за култура „Трајко Прокопиев”-Куманово заедно во соработка со Ансамблот „МАКЕДОНИЈА”, организира Ревија на носии од Горновардарска етнографска целина, каде што визуелно, публиката ќе може да ги види празничните носии, како најрепрезентативни носии што се носеле за време на свечените пригоди.

Настанот ќе се оддржи на 10.11.2023 (петок) во 18:00 часот во Фоајето на НУЦК „Трајко Прокопиев”-Куманово. Истиот проект е дел од годишната програма на Центарот за култура, а поддржан од страна на Министерството за култура, како проект од национален интерес на културата за 2023 година.


©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

НАЈАВА ЗА ТОПОЛ БРАН ОД АФРИКА: За време на викендот температурите ќе надминат 30 степени, но стабилно ќе биде само во петок и во сабота, потоа невреме

Под влијание на умерен топол бран од Африка, од петок, а особено за време на …