Националниот џез-оркестар настапи на ,,Албанија џез-фест” во Тирана

Македонскиот Културно-информативен центар во неделата вечерта во Тирана го претстави нашиот Национален џез-оркестар пред тиранската публика.

По брилијантниот настап, Бесим Петрела, директор на ,,Албанија џез-фест” (Albania jazz fest), возбуден од нивниот настап, кажа: „Ова се генијални, генијални музичари. Бескрајно благодарам на соработката со македонскиот центар, благодарам што овие прекрасни музичари вечерва свиреа во нашиот град”, велат од македонскиот КИЦ во Тирана.


Оттаму додаваат дека ова беше прво претставување на Оркестарот надвор од нашата земја, кое предизвика бура од воодушевување. Оркестарот во својот репертоар има различни стилови, почнувајки од класичен џез, преку свинг, би бап, па сѐ до композиции од ,,Леб и сол”.

– Ова е уште една потврда дека е родена една нова генерација млади музичари, кои суверено владеат со сцената, со своите инструменти и со музиката. Свират со неверојатна леснотија, духовито и мајсторски. На моменти ви се чини како да се наоѓате пред оркестар кој постои десетици години, иако од неговото формирање до денес нема поминато ниту една година – велат од Културно-информативниот центар во Тирана.


Настапот на Националниот џез-оркестар на ,,Албанија џез-фест” (Albania jazz fest) ја покажа сета смисла на неговото формирање и работа. Во преполната сала на Академијата за уметност во Тирана, публиката ги испрати со неколкуминутен аплауз и двапати побара музичарите да се вратат на сцената.

Македонскиот Културно-информативен центар во Тирана за 16 мај го најавува и учеството на ,,Џамбо Агушеви оркестар” на фестивалот ,,Клаудс” (Clouds) во Тирана.


©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Денес роденден прославува нашата истакната актерка Јоана Поповска

Јоана Поповска е родена во Битола на 18 јуни 1943 година. Таа е македонска театарска, …