Последните четири на ЛШ: Монпеље прва пречка за Вардар во Келн

Завршниот турнир во ракометната Лига на шампиони ќе се одигра денес и утре во германскиот град Келн. Пласман во завршницата покрај европскиот првак Вардар, изборија и три француски екипи ПСЖ, Нант и Монпеље.
Црвено-црните, во Германија, ќе ја бранат титула освоена минатата сезона и ќе се обидат да станат првиот тим, што успеал да ја одбрани европската круна, откако завршницата во Лигата на шампионите се игра во овој формат.
Исто така, Вардар сака да го повтори успехот на Сиудад Реал кој е последениот тим што ја одбранил титулата. Сиудад Реал, во стариот формат, стана европски првак во сезоните 2007/08 и 2008/09.
„Подготвени сме и се надевам дека можеме да стигнеме до крајот. Работевме напорно и верувам дека токму овој викенд ќе бидеме најдобри. Сите екипи кои се тука, заслужено се дел од Ф4. Психички и физички сме подготвени во сите 60 минути да се бориме во полуфиналето. Монпелје покажа дека е одличен тим. Играат брз ракомет, имаат одлична транзиција, опасни се еден на еден. Треба да бидеме спремни за секоја одбрана од 6-0, 5-1 и 4-2. Може се’ да покажат. Одбраната е клуч на нашата игра. Одиме чекор по чекор. Фокусирани сме на Монпеље”, вели во една своја изјава вардаровиот ракометар Лука Циндриќ.
Противникот на Вардар, Монпеље, има една европска круна во клупската историја. Во сезоната 2002/03, во финалниот двомеч Монпеље го победи Портланд Сан Антонио. Интересно еден играч од тоа финале се уште е во екипа, тоа е прославениот репрезентативец Мишел Гигу.
Полу-финалето ќе биде отворено со дуелот помеѓу ПСЖ и Нант, во 15:15 часот, а потоа од 18 часот Вардар ќе игра против Монпеље.
Директните преноси се на каналот на МРТ 1.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Сеќавање: 20 години без истакнатиот македонски историчар и археолог Томо Томоски

Томо Томоски е роден на 22 декември 1915 година во Скопје. Тој беше истакнат македонски …