Песната, судбина – концерт на Танец во чест на 100-годишнината од раѓањето на Васка Илиева

Во четврток, 9 ноември 2023 година во Домот на АРМ, со почеток од 20:00 часот, во организација на НУ Ансамбл за македонски народни игри и песни „Танец“, ќе се одржи концерт во чест на 100 годишнината од раѓањето на Васка Илиева, насловен „Песната, судбина“.

Васка Илиева (1923 – 2001) е доајенка на македонската народна песна и една од најпознатите македонски изведувачки на народна музика. Оваа знаменита Скопјанка, својата музичка кариера ја започнува во 1950 година, токму во Државниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“. Со својот уникатен стил на изведба и неповторливиот глас, Васка Илиева многу брзо станува популарна и настапува на безброј концерти, не само во татковинатa, туку и во светот. И денеска, нејзините изведби на песните: „Земјо македонска“, „Имала мајка“, „Излегол Невен Пејо“, „Аир да не сториш мајко“, „Сестра кани брата на вечера“ се македонски песнопоен белег со трајни вредности за македонската културна историја. Оттука, заслужени се сите епитети со кои Илиева се здоби за време на својата долга музичка кариера, меѓу кои и „Кралица на македонската народна песна“.


Концертот на Танец во чест на 100-годишнината од раѓањето на Васка Илиева е замислен како ексклузивна гала вечер, каде што солистите и ансамблите на НУ Танец ќе изведат петнаесетина антологиски песни од нејзиниот богат изворен, но и авторски репертоар, а ќе бидат прикажани и вредни архивски материјали поврзани со животот и делото на чествуваната уметница.

Билетите чинат 600 денари и можат да се купат на онлајн сервисот www.kupikarta.com, како и во Розе Веро 2 (Тафталиџе), ЈК Травел (ТЦ Бисер – Аеродром) и во книжарниците Literatura.mk.


Програма:

Видео документарни огледи за ликот и делото на Васка Илиева
Автор: Бранка Костиќ-Марковиќ
* Судбо моја, судбино
Исполнува: Сузана Спасовска
* Кој што ме чуе да пејам
Исполнува: Елена Андоновска
* Кога тргнав Цвето во туѓина
Исполнува: Драган Николовски
* Три години, либе, се сакавме
Исполнуваат: Ивана Серафимовска и Гоце Цоневски
* Променила ми се Пандура, девојка
Исполнува: Габриела Новевска
* Сестра брата моли за вечера
Исполнува: Сузана Спасовска
* Облога се фаќат момче и девојче
Исполнува: Кирил Митоски
*Драчевка
Фрагмент од кореографија „Драчевка“, поставена 1959 година, во која Васка Илиева премиерно ја изведувала песната „Засвирил Стојан, посвирил“ .
Кореографија: Атанас Коларовски/Музичка обработка: Трајко Прокопиев – Кочо Петровски
Оркестрација: Дарко Илиевски
* Врати ми се мило либе
Исполнува: Елена Андоновска
* Доста, доста, лично, ле, Стојне
Исполнуваат: Елена Андоновска и Кирил Митоски
* Море, чичо рече да ме жени
Исполнува: Габриела Новевска
* Ор, невесте Стојанице
Исполнуваат: Сузана Спасовска и Кирил Митоски
* Ајде, ајде моме Стојне
Исполнуваат: Габриела Новевска и Драган Николовски
* Сношти појдов, мила мамо, на седенка
Исполнува: Сузана Спасовска
* Земјо македонска
Исполнуваат Сузана Спасовска и сите учесници на концертот


Музичките адаптации, аранжмани и оркестрации за НУ Танец се на Дарко Илиевски

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Сеќавање: на денешен ден во 2016 година почина сликарот Стеван Поповски еден од најпознатите македонски претставници на наивата

Стеван Поповски е роден на 7 март 1933 година во Скопје. По образование бил педагог …