Пакомак со проектот наречен „Хокус покус, рециклирањето е во фокус” доби награда за општествено одговорна компанија на годината

Пакомак – Друштво за управување со пакување и отпад од пакување доби национална награда за 2018 година за општествено одговорни практики, која традиционално секоја година ја доделува Министерство за економија на Република Македонија.

Признанието е добиено за проектот наречен „Хокус покус, рециклирањето е во фокус”, кој „Пакомак”, заедно со магионичарот Кристијан Шопов, го намени за децата од предучилишна и од училишна возраст. Во овој проект, преку забавна магионичарска претстава и интересни трикови, децата учеа за важноста на селектирањето и за одржувањето чиста животна средина. Претставата во која децата се едуцираа, дека стаклото треба да го фрлат во зелениот контејнер, хартијата во синиот, а пластиката и лименките во жолтиот контејнер ја видоа над 33.700 деца во Скопје од 52 училишта и уште 17.000 деца од 45 училишта од 7 градови од Македонија. Проектот го поддржаа Пивара Скопје и Холандската амбасада во Македонија, традиционалните партнери на Пакомак кога станува збор за екологија.


„Проектот се покажа извонредно успешен и претставува позитивно искуство за децата, наставниците и за нас како еко компанија со јасна еко-визија. Ние сме особено горди што Министерство за економија на Република Македонија го препозна и награди овој проект, затоа што проектот претставува влог во нашите деца и нивната иднина. Важно е децата да имаат високоразвиена еколошка свест за да живеат во иднина во почиста животна средина” – изјави Ико Брдароски, менаџер за грижа на корисници во Пакомак.


„Замислете си да предизвикате смеа, радост, возбуда кај 50.700 деца и да ги научите за селекција на отпадот, тоа е, навистина, чудесно. Чувството не може да се опише кога знаете дека преку едукативна забава давате придонес за подобра иднина за нашата планета. Невозможното и мистериозното зачинето со хумор секогаш буди интересот кај публиката. Нема човек што не сака да се насмее и да види нешто интересно, необјасниво. Да се биде опкружен со толку детски искрени лица што неизмерно ѝ се радуваат на илузијата што ја прикажуваш е прекрасно. Плус кога знаеш дека пренесуваш екопорака, која треба да ги мотивира децата да селектираат отпад и со тоа да создадат почист свет, задоволството е уште поголемо”, изјави магионичарот Кристијан Шопов, кој е истовремено и голем екологист, илузионист и хуманист.

Пакомак е непрофитабилна компанија која има за цел да остави печат на позитивни и социјално одговорни промени во општеството.


Општествената одговорност за Пакомак е бизнис-императив и како успешна и современа компанија има влијание врз своите партнери, околината и врз целото општество. Пакомак на општествената одговорност гледа како на стратешка цел на долг рок, која има за крајна цел подобрување на целокупниот квалитет на живот.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Вечерва во МКЦ ќе се одржи 14-то издание на ЗДРАВО МЛАДИ

Денес, ќе се реализира 14-то издание на фестивалот на нова музика “ЗДРАВО МЛАДИ” во организација …