На денешен ден е родена нашата позната фолк пејачка Татјана Лазаревска

Татјана Лазаревска е родена на 12 февруари 1975 година во Скопје. Таа позната е македонска музичарка. Израснала во семејство кое отсекогаш било опседнато со фолклорен дух. Нејзиниот татко бил поранешен член на АКУД „Мирче Ацев“. Уште како мала постојано ги следела настапите на АКУД „Мирче Ацев“ за во 1988 година и таа да стане член во играорната секција. Паралелно членувала и во пејачката група под раководство на Пеце Атанасовски, кој им овозможил место за настап во Долнени, Прилепско, каде што се закитиле со првото место. Со АКУД „Мирче Ацев“ патувала низ целиот свет. При едно гостување во Белгија во 1995, се случил и првиот настап како изведувач.

Набргу по враќањето од Белгија, со голема помош од своето семејството, а посебно на маестро Милан Завков како главен иницијатор, ја снимила и првата песна „Не сакам да те преболам“, со музика и аранжман на Милан Завков и Томислав Которчевиќ. Од тогаш почнале да се редат настапи по реномирани ресторани во Македонија. Фестивалското деби го имала на „Охридски трубадури“ 1996 со песната „Блаже, Благоја“, музика и аранжман на Милан Завков и Томислав Которчевиќ.


Во 1997 година го издала првиот албум за издавачката куќа Сенатор рекордс од кој како хит се издвоила песната „А бре чичо“, за веќе во 1998 да ја има и првата прекуокеанска турнеја во Австралија, што е воедно и нејзино прво поголемо гостување надвор од државата. Истовремено настапувала на сите реномирани македонски фолк фестивали: „Цветници“, „Валандово“, „Тумба фест“, „Тетовски фолк фест“, „Струмичка пролет“, „Роса“, „Филиграни“ итн, и секогаш имала соработка со врвни и докажани автори.

Во 1999 година го издала и вториот албум „Аце, Аце“ за Сенатор рекордс. Оваа песна станала како нејзина „лична карта“, песна по која ја препознаваат до ден денес и песна којашто ја однесе на многу гостувања во Америка, Канада, Швајцарија, Шведска, Италија, Франција, Германија итн.


Во 2003 година го издала и третиот албум „Сѐ ќе превртам“, повторно за Сенатор рекордс, каде што како хит се издвојува песната со најголема порака „Ништо без народно“. Од 2003 до 2005 се посветила на приватниот живот и оформувањето на своето семејство. На 3 мај, 2003 стапува во брак со својот сопруг и колега Новица, вокален солист во македонскиот вокално-инструментален и шоу бенд “Група Биоритам“.

Таа долги години со нејзиниот сопруг и фамилијата живеат и работат во Мелбурн, Австралија.


Среќен роденден Татјана, ти посакува редакцијата на Екран, а вие потсетете се на нејзиниот голем хит Аце, Аце.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

На 11 мај ќе се изведе спектакуларната опера „Трубадур“ од Џузепе Верди

На 11 мај со почеток во 20.00 часот ќе се изведе спектакуларната опера „Трубадур“ од …