Министерот за здравство д-р Венко Филипче на денешната прес-конференција информираше дека подготовката за прием, дистрибуција и вакцинација за Ковид-19 се одвива со одлична динамика.
По посетата на сите економски оператори кои и сега чуваат и дистрибуираат вакцини, Филипче потенцираше дека нивните капацитети се подготвени, а останува во месец јануари да пристигнат преку донација и специјалните фрижидери кои се наменети за вакцината на Фајзер, која се складира на -70 степени.
На прес-конференцијата, тој посочи дека нашата држава е активирана на три полиња за набавка на вакцина против ковид вирусот. Тоа се КОВАКС системот, Европската Унија и и директни договори со компаниите Фајзер и Астра Зенека.
„Денеска на владината седница помина информацијата со којашто УНИЦЕФ се вклучува во помошта во делот на склучување на договорите и транспортот на вакцините до нашата земја од тој прозводител којшто ќе биде одреден од КОВАКС системот, како институција која има и капацитет и можности и знаење. Ова беше една од препораките на КОВАКС системот, УНИЦЕФ да се вклучи во овој дел од снабдувањето со вакцината”, рече Филипче.
Министерот уште еднаш нагласи дека вакцините ќе бидат бесплатни за сите граѓани, а приоритет ќе имаат здравствените работници, возрасните над 65 години и оние граѓаните со хронични кардиоваскуларни и белодробни болести.
Министерот Филипче, упати апел граѓаните да не подлегнуваат на лажните вести, особено во овој период кога се интензивираат бројните дезинформации во однос на вакцините.
„Вакцините се безбедни, тестирани, проверени и развиени на безбеден начин, исто како и сите други вакцини кои денес се користат. Примарната цел на вакцинацијата е заштитита на населението и пред се намалување на смртен исход од заболување со Ковид-19.”-нагласи Филипче