Македонската филхармонија за Денот на жената со „Женски приказни“

По повод Денот на жената, 8 Март, Македонската филхармонија овој четврток (20 ч.) приредува симфониски концерт под наслов „Женски приказни“. На подиумот ќе застанат две млади, но искусни и извонредни уметнички – нашата диригентка Елена Митревска која кариерата ја гради на европските сцени, како и истакнатата пијанистка од Германија, Олга Шепс.
„Она што Шепс го прави не е фино или слатко, тоа што таа го прави го одзема здивот“, гласи една од критиките за пијанистката која пред македонската публика ќе го изведе познатиот Концерт за пијано и оркестарбр. 3 од Лудвиг ван Бетовен.
На програмата оваа вечер се иУвертирата „Леонора“ бр.3, повторно од музичкиот гигант Бетовен, како и избор од експресивните две свити „Арлезијанка“ од францускиот композитор Жорж Бизе.

Младата, но веќе искусна и талентирана диригентка Елена Митревска дипломира на Одделот за музичка теорија и педагогија на Факултетот за музичка уметност во Скопје во 2008 година. Образованието го продолжи во Виена, на Универзитетот за музика и изведувачкиу метности, каде што дипломира најпрво на Одделот за хорско диригирање во класата на проф. Ервин Ортнер, а потоа и на Одделот за оркестарско диригирање во класата на проф.Урош Лајовиц и проф.Симеон Пиронков, заедно со престижниот Виенски камерен оркестар. Митревска е добитник на почесна награда од страна на Универзитетот, како една од најистакнатите студенти на својата генерација. За време на студиите,активно дејствува како диригент на неколку хорови во Виена, а го основа и ансамблот„Глезум“, со којво 2013 година ги изведе псалмите „Чичестер“ од Леонард Бернштајн. Уште од почетокот на студиите, таа е редовен член на хорот „Арнолд Шенберг“, каде што од 2012 година работи и како асистент на концертните и на оперските проекти во Театарот во Виена. Тесната соработка со „Арнолд Шенберг“ и’ носи познавање на широк вокален и вокално-инструментален репертоар,со настапи во престижни сали како што се„Музик вереин“ или „Сантори хол“, како и редовна соработка со истакнати диригенти, меѓу кои и со Николаус Хорнонкур, Клаудио Абадо, Бернард Хаитинк, Сајмон Ратл, Рене Јакобс… Во 2015 година беше ангажирана и како хор-мајстор за оперите: „Туѓинка“ од Белини, „Свадбата на Фигаро“ од Моцарт и „Просјачка опера“од Курт Вајл во Театарот во Виена.Митревска е добитничка на престижната награда „Ервин Ортнер“за значајни достигнувања во областа на хорското диригирање во Австрија во 2014 година. Во 2015 година го презеде уметничкото раководство на хорската и оркестарската музичка работилница во Хинтершмидинг, Германија, каде што ги изведува Моцартовиот Реквием (2015) и Миса бр.6 во Ес-дур од Франц Шуберт (2017).Македонското деби како диригент го остварува во 2015 година со Камерниото ркестар на Музичката младина,во рамките на „Охридско лето“ и „Скопско лето“.Од 2016 година е ангажирана како хор-мајстор во операта во Овиедо, Шпанија.
Руската пијанистка Олга Шепс почнува да изучува пијано на само петгодишна возраст. Во 1992 година нејзиното семејство ќе се пресели од Москва во Германија, и тоа ќе стане новиот дом на Шепс, но и нова почва за изучување музика. Моментно, активна е како концертен пијанист не само во Германија, туку и во Русија и во Англија. На 16 години, таа ќе стане еден од најмладите студенти на Музичката академија во Келн, дипломирајќи во 2013 година со огромен успех. Нејзиниот професор Павел Гилилов, како и нејзините родители, и двајцата пијанисти и учители по пијано, сè уште играат важна улога во нејзиниот развој како музички уметник, иако таа црпи влијанија и од имиња како што се Арие Варди, Дмитри Башкиров, Андреј Гаврилов и Алфред Брендел. За време на студиите, поради нејзиниот неспорен талент, Шепс доби стипендија од германската фондација „Музиклебен“. Некои од нејзините први концерти беа и настапите како дел од наградата „Младите создаваат музика“, за потоа да биде канета да концертира на повеќе фестивали, меѓу кои и на познатиот „Рајнгау“, секаде со сензационален успех. Набргу потоа, Шепс дебитира и на пијано-фестивалот во Рур, каде што сè уште настапува. Во 2009 година потпиша ексклузивен договор со „Сони класикал“, за чија издавачка куќа во 2016 година го сними својот седми албум, кој вклучува изведби на дела од Ерик Сати и кој се искачи на првото место на официјалните листи во Германија. За нејзиниот албум „Шопен“, таа ја доби наградата „Ехо“ во категоријата „Млад уметник на годината“. Како „Стенвеј“ артист, Олга Шепс денес живее во Келн, настапувајќи на голем број фестивали за класична музика надвор од нејзината земја, со видни оркестри и диригенти.


©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Среќен роденден Сашко Пандев !!!

Сашко Пандев е роден на 1 мај 1987 година во Струмица. Тој е поранешен македонски …