Кинематограферите од соништата прават филмски материјал

Паоло Карнера, кинематограферот на филмот „Носталгија” кој е во официјалната селекција Камера 300 денеска со новинарите на прес-конференција откри како течело снимањето во Неапол. Работел претходно на серијата „Гомора” која исто така е снимена во овој град така што, како што истакна веќе му биле познати локациите.

-Сакавме градот да го прикажеме преку очите на главниот лик, бидејќи тој се враќа во родното место по 40 години и одново го открива својот роден крај. Неапол е град на контрадикции, изобилува со голем број прекрасни палати од една страна, но и со екстремна сиромаштија, раскажа Карнера.


Се задржа на сцената кога главниот лик ја капе својата мајка, која е најтрогателен момент во филмот.

-Овој момент беше трогателен и зад камерата. Многу длабоко емоционално ја доживеавме, затоа што доека работевме сите помисливме на сопствените мајки, се присети Карнера.
Филмот „Носталгија” е италијанско-француски драмски филм од 2022 година, косценарист и режисер е Марио Мартоне, а снимен е според роман од 2016 година на Ермано Реа. Филмот имаше премиера во официјалната конкуренција за Златна палма на 75. Кански филмски фестивал на 24 мај 2022 година.


Од селекцијата на кратки филмови, денеска на прес-конференција беше претставен филмот „Солзите на нештата”, чиј кинематографер Виктор Мас е во Битола и раскажа дека идејата била да го доловат чувството на стаписаност, после една прекината врска. Во филмот се говори на полски и на бугарски јазик, и токму тоа многу помогнало во реализацијата на прекинот на комуникацијата меѓу ликовите, оти токму говорењето на различни јазици најдобро го симболизира.

Љубителите на документарните филмови имаа можност да го погледнат филмот „Сонот на Аурора” , кој работи со соништа, а кинематограферката Драгана Јовановиќ проговори на средбата со новинарите за соништата на различните протагонисти и како соништата може да станат филмски материјал.


-Сакав да ја разработам фасцинацијата од заспаното женско тело. Станува збор за занемарена психа, бидејќи токму таа се манифестира во соништата., вели Јовановиќ.

Кинематограферката од Естонија Елен Лотман на Фестивалот „Браќа Манаки” доаѓа четврти пат, а годинава нејзиниот филм „Заспаниот ѕвер” предизвика големо интересирање кај публиката.
-Воодушевена сум од Фестивалот „Браќа Манаки”. Четврти пат сум тука и секогаш кога заминувам си велам морам да дојдам повторно, рече Лотман.

Филмот е трилер и прикажува едно мало место во Естонија, каде мажите преку цела недела одат да работат во Финска, жените се оставени да се снаоѓаат сами и тоа се одражува на децата кои стануваа сурови, злобни, насилни.

-Децата денеска или се премногу контролирани или воопшто не се контролирани, а конкретно во овој филм тие прават една грешка, а потоа за да ја затскријат грешката прават уште поголема грешка, раскажа Лотман.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Денес се сеќаваме на нашиот фолк пејач Ѓоко Дончев

Ѓоко Дончев е роден на 2 мај 1949 година во Валандово. Тој беше истакнат македонски …