Генералната директорка на Семос Едукација, г-ѓа Валентина Тасева е првата жена од Македонија која ќе учествува на едномесечната меѓународна програма во САД, партнерство помеѓу Стејт департментот на САД, Fortune Most Powerful Women и Vital Voices.
Едномесечната меѓународна програма која повеќе од 10 години ги поврзува најуспешните жени менаџери од САД со жени лидери од различни земји, има за цел да го унапреди статусот на жените од бизнис светот, членки на организацијата на најмоќните жени во бизнис светот глобално, наречена Fortune Most Powеrful Women. Oваа година за прв пат ќе има учесничка од нашата држава. Владата на Соединетите Американски држави преку Амбасадата на САД во Р. Македонија како учесничка ја избра г-ѓа Валентина Тасева, генерална директорка на Семос Едукација.
Меѓународната програма вклучува тренинзи за лидерство, говорни вештини, панел дискусии за правата и можностите на жените, настани за поврзување и двонеделно менторство со најуспешните жени менаџери од Fortune МPW и нивните тимови. Преку неа ќе се создадат различни врски и ќе се споделат најдобрите практики, а на учесничките им овозможува да стекнат уште поголеми бизнис вештини и искуство преку кои ќе ја зајакнат лидерската позиција во нивните бизниси, заедници и земји.
„Ми претставува особена чест и задоволство што сум дел од оваа програма како една од 16-те учеснички од 13 различни држави од светот. Ова е прекрасна можност да се види одблиску начинот на кој функционираат најуспешните американски компании, да се размислува глобално. За мене е вистински предизвик и инспирација што ќе имам можност во период од две недели да ги видам одблизу сите менаџмент практики на Electronic Arts, пионерот во компјутерските и видео игри. Се надевам дека ќе се вратам во Македонија со многу нови идеи, свежи погледи на работата и нови познанства кои понатаму ќе помогнат во развојот на домашната ИТ индустрија и ќе ги забрзаат позитивните промени на нашите простори.“ – изјави г-ѓа Валентина Тасева.
Програмата започнува со неколкудневна ориентација во Вашингтон каде учесничките се запознаваат со високи претставници од Владата, бизнис секторот, образованието, граѓанското општество и медиумите. Потоа учесничките заминуваат на индивидуална менторска програма, а г-ѓа Валентина Тасева ќе престојува во Силиконската долина, во седиштето на компанијата Electronic Arts. На крајот од менторството, сите повторно ќе се состанат во Њујорк, каде ќе дискутираат за нивното искуство и идните лидерски можности.
Досега на оваа програма учествувале околу 300 учеснички од 56 држави низ светот. Една од целите на програмата е глобалното поврзување помеѓу бизнис жените од САД, во улога на менторки и менторираните жени од различни земји од светот. Професионалниот и личниот однос што произлегуваат од менторската програма се протегаат многу подалеку од програмата и им овозможуваат да ги видат своите сектори и земји во ново светло, со што може многу да придонесат во подобрување на начинот на работа на нивната компанија, домашната економија и воопшто општеството во кое делуваат.