Еден бисерен македонски глас замина во неповрат?

Не мина долго а во музичките кулоари почнаа коментарите за изборот на „Ај Кју“ да ја претставува Македонија на „Песна на Евровизија“ оваа година во Лисабон, Португалија.

И, додека некои главно си коментираат во себе, или на нивни блиски и бараат објаснување, други се похрабри и јавно се произнесуваат за своето незадоволство. Најмногу околу нетранспрентното избирање на композицијт со која МРТ оди на овие избори…


Пред неколку месеци во медиумите се појавија шпекулации дека групата „Молика“ и Анета Мицевска ќе бидат македонските претставници на „Евровизија“ во Лисабон. Пишувањата беа поттикнати од фејсбук-статусот на „Молика“ кои сметаа дека Анета најдобро ќе ја претстави Македонија во Лисабон. Но, откако МРТ објави дека наш претставник ќе биде групата Ај Кју, на официјалната страница на групата се појави статус во кој „Молика“ го искажува својот револт од изборот.

„А бре Македонска телевизија! Нити ве бивало за нешто, ниту ќе ве биде некогаш! Имавме кажано многу пати ние од Молика да не учествуваме на фестивали кои вие ги организирате, ама ајде, овој пат се надевавме на регуларно гласање за избор на песна за Евровизија. И што направивте? Ќе си видите по осми мај (денот на одржување на настанот), исто како што си гледате секоја година, поточно седум години назад по ред лупете банани! Ама некој друг плаќа, поточно македонскиот народ, за вие да шетате со туѓи пари. Ние многу добро знаеме кои сме и колку можеме, а за Анета вие од МРТ немате капацитет за да слушнете која е и колку вреди. Не се секирајте, има некој од надвор што знае што е добро и што вреди. Толку од нас, во иднина да заборавете на Анета и ‘Молика’!“, стои во нивниот статус.


Од МРТ пак порачаа:
„На ден 10.02.2018 година во просториите на МТВ се одржа селекција на пристигнатите песни по распишаниот јавен повик за: Песна која што ќе ја претставува Македонија на Евровизија, Лисабон, Португалија оваа година.
Комисијата беше во состав: Мери Попова – координатор на проектот Евровизија 2018 и уредник на Културно уметничка програма на МТВ1 , Каролина Петковска – Уредник на Редакција за Контактно забавни емисии во МТВ1, Александра Јовановска – уредник и водител на музичка емисија во МТВ1, Авни Ќаили – уредник на Културно уметничка програма на МТВ2, Бранка Костиќ Марковиќ – музички новинар и критичар, Андријана Јовановска – музички новинар во „Репортер МК“, Марко Марк – музички новинар во „Канал 77“ и водител во ТВ „Телма“ и Антонио Димитриевски – одговорен уредник во „Вистина МК“ и продуцент на музичката манифестација „Македонски радиски фестивал“.
Во процесот на подготовка за селекција, МТВ покани уште десет други личности коишто професионално се занимаваат со македонската и светска музичка сцена и случувања, но истите поради лични и субјективни причини не беа дел од селекционата комисија.
Од пристигнатите 382. композиции на меѓународниот повик за Избор на песна за Евровизија, комисијата по пат на елиминација во три круга, на крајот селектираше 12. композиции.
Секоја од композициите во последниот круг од страна на комисијата беше рангирана и бодувана според евровизискиот принцип на гласање.
По пребројувањето на гласовите, комисијата одлучи дека песната „Lost and found“ на авторот на музика и текст Бојан Трајковски и во аранжман на продуцентот Дарко Димитров, има убедливо најголем број гласови.
По повторното преслушување, комисијата според правилата, едногласно заклучи дека: одбраната композиција на евровизиската сцена, најдобро ќе ја донесе групата „Еye Cue“ која што е матична група на авторот со вокалистката Марија Ивановска.
Комисијата е едногласна во ставот дека: одбраната композицијата има современ звук, впечатлив рефрен и текст, извонредни и оригинални вокални способности на изведувачот, што секако нуди и можност за квалитетен евровизиски пакет и достојно претставување на МРТ и Македонија на оваа престижна музичка манифестација во организација на ЕБУ.
МРТ како носител на лиценцата на Избор за песна на Евровизија го прифати ставот на комисијата и упатува честитки до авторскиот тим и групата „Еye Cue““.
Чудно е што една ТВ куќа не најде за потребно да направи неколку видео снимки од работата на комисијата. Да се видеа сите тие 382 коверти со пристигнатите песни…Да направеа макар една ситница со која ќе ја поткрепеа својата работа како и изборот…Се’ подготвено во последен момент – од ненадејниот конкурс до жири комисијата која (така и треба) се држеше во тајност…Но, добро ќе беше да се истакнат и имињата на реномираните лица кои „одбиле“ да се дел од овој избор кој се повторува, и повторува, и повторува… Или пак немале толку неодложни обврски туку сакале да одбегнат да бидат дел од уште една лакрдија наречена – избор на композиција за „Песна на Евровизија“.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Почна снимањето на дебитантскиот филм на Косара Митиќ со работен наслов „17“

По повеќемесечни темелни подготовки, почна снимањето на долгометражниот игран филм со работен наслов „17“, дебитантското …