Твитер трајно го суспендирал профилот на Трамп

Социјалната мрежа Твитер објави дека трајно го суспендирала профилот на американскиот претседател Доналд Трамп поради ризик од понатамошно поттикнување на насилство.

„По деталниот преглед на неодамнешните твитови од профилот @realDonaldTrump и содржината околу него, трајно го суспендиравме тој профил поради ризик од понатамошно поттикнување на насилство“, се вели во соопштението на компанијата.


Во средата, Твитер привремено го блокираше профилот на Трамп, кој има повеќе од 88. милиони следбеници, по опсадата на Капитол Хил од демонстрантите на Трамп, предупредувајќи потоа дека следните прекршувања на правилата на платформата ќе резултираат со трајно суспендирање на страната на претседателот.


Белата куќа досега не коментираше ништо.

Фејсбук и Инстаграм му ја продолжија суспензијата
Претходно во четвртокот, социјалните мрежи Фејсбук и Инстаграм одлучија да ја продолжат суспензијата на страната на американскиот претседател Доналд Трамп најмалку уште две недели додека не заврши трансферот на власта на новиот претседател Џо Бајден. Одлуката уследи откако Фејсбук одлучи да ја затвори страната на Трамп на 24. часа за да ги запре неоснованите обвинувања на Трамп за кражба на претседателските избори што ги натера стотици негови приврзаници да упаднат во зградата на Конгресот.
Последните два твита ги прекршија правилата, велат од Твитер
Најновата одлука на Твитер следеше после два твита објавени од Трамп во петокот, кои на крајот ќе бидат последни на таа социјална мрежа.
Двата твита ги прекршија правилата на Твитер затоа што го величаа насилството, соопшти социјалната мрежа, додавајќи дека „тие треба да се читаат во контекст на поширокиот развој на настаните во земјата и на некој начин изјавите на претседателот можат да мобилизираат различна публика, вклучително и поттикнување насилство, како и во контекст на моделот на однесување видлив од неговиот профил во последните неколку недели“.
Првиот твит на Трамп беше за неговите приврзаници. „75.000.000 американски патриоти кои гласаа за мене, America First i Make America Great Again (Америка прва и Повторно ќе ја направам Америка голема), ќе имаат силен глас долго во иднината. Нема да бидат непочитувани или третирани неправедно на кој било начин и форма!!!“
Вториот твит се однесувал на фактот дека Трамп не планира да присуствува на инаугурацијата на новиот претседател Џо Бајден.
Твитер соопшти дека твитот за инаугурацијата може да се сфати како дополнителна изјава дека изборите не биле легални, а исто така може да се толкува како дека Трамп смета дека инаугурацијата ќе биде „сигурна“ цел за насилство затоа што тој нема да биде присутен.
Другата изјава за американските патриоти сугерира дека „тој планира да продолжи да ги поддржува, зајакнува и штити оние што веруваат дека победил на изборите“, посочува Твитер.
Трамп на тој начин го губи својот моќен мегафон на социјалните мрежи.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Пет идеи за подарок за Велигден

Во предвечерието на еден од најголемите христијански празници Велигден обично се прашуваме што да подариме …