Сеќавање: На денешен ден во 2016 година почина поранешниот фудбалер и најдобар стрелец во историјата на југословенскиот фудбал Слободан Сантрач

Слободан Сантрач е роден во Коцељева на 1 јули 1946 година. Тој бил фудбалер и најдобар стрелец во историјата на југословенскиот фудбал со вкупно 1301 постигнат гол. Бил селектор на југословенската репрезентација од 1994 до 1998 година, потоа на фудбалската репрезентација на Саудиска Арабија во 2001 година и на фудбалската репрезентација на Македонија во 2005 година.

Како млад се занимавал со ракомет и на аматерски начин со фудбал. Во тој период бил ракометен голман во клубот на ЗСК. Со ракометот престанал да се занимава на 4 јули 1961 година. Оттогаш му започнала неговата професионална фудбалска кариера.


Слободан Сантрач бил релативно мал за позицијата на центарфор (171 см, 66 кг). Имал голема способност секогаш добро да се позиционира во противничкиот шеснаесетник. Фудбалот започнал да го игра во пионерскиот тим на екипата на Таково од Горен Милановац, каде според неговите лични податоци на вкупно 46 натпревари постигнал дури 56 гола. Подоцна Слободан Сантрач заминал во составот на Металац од Ваљево, каде што првично играл како халф (позиција од средината на теренот). Во летото 1962 година првпат настапил за првиот тим, а за прв пат на позицијата центарфор бил на куп-натпреварот против белградскиот тим на Душановац, кога постигнал дури шест гола. Во пролетта 1965 година, додека сè уште имал право да игра за младинскиот тим, ги постигнал сите четири гола во четвртфиналниот натпревар од младинскиот куп помеѓу екипите на Металац и Партизан (4:0). За составот на Металац од Ваљево одиграл 321 натпревар и притоа постигнал 376 голови.

Првиот договор со екипата на ОФК Белград го потпишал на 21 јули 1965 година. Својот прв прволигашки гол го постигнал на натпреварот со загрепската екипа на Трешњевка (3:3) на Младинскиот стадион во Карабурма (населба во Белград). Тоа бил неговиот четврти натпревар за составот на ОФК Белград. Како член на екипата на ОФК Белград, Сантрач на 26 мај 1966 година го освоил трофејот во југословенскиот фудбалски куп, кога екипата на загрепски Динамо била поразена со резултат од 6:2 во финалето. На тој натпревар, напаѓачкото трио „Три С“ (Скоблар, Самарџиќ и Сантрач) постигнало по два гола. Сантрач го постигнал својот 100-ти лигашки гол на стадионот на Кошево против екипата на Сараево.


Во втората половина од сезоната 1977/78 тој преминал во екипата на ФК Партизан, со кој ја освоил титулата државен првак и трофејот победник на централноевропскиот куп. Последниот, 218 лигашки гол Сантрач го постигнал како член на Земунска Галеника, на 10 јуни 1983 година, на натпреварот против екипата на Будуќност во Подгорица (тогашен Титоград) (1:1). Кариерата ја завршил во клубот на Галеника.

Сантрач го добил правото да игра во странство во 1974 година кога екипата на ОФК Белград го продала на циришкиот тим Грасхопер за сума од 300.000 швајцарски франци. За вкупно 22 месеци играње во екипата на Грасхопер, Сантрач постигнал 29 гола. На натпреварот против екипата на Зорлицон (10:1) тој постигнал девет гола, со што го израмнил неговиот рекорд од натпреварот помеѓу екипите на Металац и Колубара (14:1).


Кога ќе се вклучат сите натпревари што ги играл Сантрач (вклучувајќи го пионерскиот, младинскиот и првиот тим на тимовите за кои играл, тимот на ЈНА, натпреварите за сите селекции на СФРЈ и натпреварите во Купот на УЕФА и Купот на саемските градови), го добиваме бројот од 1359 одиграни натпревари и постигнати дури 1301 гол. Запишан бил во Гинисовата книга на рекорди како втор стрелец во историјата на фудбалот во светот на сите времиња.

Слободан Сантрач бил селектор на фудбалската репрезентација на Југославија (1995-1998) кога ја однел „сината“ репрезентација на Светското првенство во Франција 1998 година, каде што југословенската репрезентација била елиминирана во осминафиналето од селекцијата на Холандија (1:2). По Светското првенство во Франција заминал да работи како тренер во Кина, каде во 1999 година ја освоил „двојната круна“ со екипата на Шандонг Луненг. Извесен период Сантрач работел и во Саудиска Арабија, а на кратко ја водел репрезентацијата на Македонија (2005).

Слободан Сантрач починал на 13 февруари 2016 година.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Први Мај во Дојран: врвулица од луѓе, се бара паркинг место, но и слободно столче во рестораните

Први Мај во Дојран е главно врвулица од луѓе кои го бараат своето место да …