Реакција до медиумите кои не дадоа простор да се слушне гласот на децата на Светскиот ден на детето

„Човековите права започнуваат со правата на детето. Општеството што ги почитува човековите права на децата, со генерации ќе стане општество што ги почитува правата на човекот.“ ENOC ~ European Network of Ombudsmen for Children (2001)

„Поправеден свет за секое дете“ е визијата на Детската амбасада Меѓаши и водилка во секоја наша активност, организациска одлука и секое наше обраќање до јавноста. Консултирањето со децата и земањето предвид на нивните мислења и нивните визии за светот во кој тие сакаат да растат и да се развиваат е централен дел од нашите заложби.


Во остварувањето на нашата визија и мисија, секогаш сме гледале на медиумите како сојузници и партнери без кои нашиот глас и гласот на децата не би можел да се слушне доволно гласно и да допре доволно далеку. Креирањето на подобар свет за децата не е само наша заедничка аспирација, туку и наша заедничка одговорност!

Оттаму, не можеме а да не го споделиме нашето силно разочарување од односот на дел од националните медиуми кои не одвоија медиумски простор и можност да се слушне гласот на децата за време на одбележувањето на Светскиот ден на детето на 20ти ноември, кога помеѓу другото децата преку Детската амбасада Меѓаши организираа прес конференција за промовирање на детскиот алтернативен извештај за состојбата со правата на детето во Македонија. Станува збор за извештај подготвен од страна на 13 деца на возраст од 12 до 17 години, кои рефлектирајќи се на наодите од истражувањето во кое учествуваа повеќе од 1000 деца ширум земјата, даваат детален увид во проблемите со кои тие се соочуваат во повеќе аспекти од своето живеење и нудат препораки за нивно надминување. Извештајот е поднесен до Комитетот за правата на детето при ООН, во рамките на процесот на периодично известување за спроведувањето на Конвенцијата за правата на детето во Македонија. Алтернативните извештаи подготвени од страна на децата имаат особена важност за Комитетот во подготовката на препораките до Владата од кои истата треба да се води во напорите за унапредување на правата на детето. Последен ваков извештај беше поднесен пред 10 години, а Македонија е една од ретките земји кои имаат поднесено два последователни детски извештаи!


Додека насекаде во светот, овој ден се посветува за анализирање на степенот на остварување на правата на децата и апелирање до сите чинители за преземање понатамошни мерки, кај нас, на 20ти ноември, децата и детските правата беа ставени на маргините на медиумскиот простор, а некаде и беа сосема изоставени!


На прес конференцијата беа присутни само МТВ,  Алфа, агенцијата МИА и порталот Инфо + . Толку! Сител, Телма, 24 Вести, Канал 5, Алсат М, ТВ 21, ТВ Shenja и другите медиуми беа отсутни. Почекавме да заврши денот и да видиме колку од овие медиуми ќе известат за Светскиот ден на детето и на кој начин. Некои телевизии пренесоа вест во различна форма – од само кратка информација од две реченици до снимени прилози во коишто, по свое наоѓање, новинарите ги пренесоа пораките од настанот.

 

„Примерите на учество на младите луѓе во медиумите се потврда за нивниот интерес за светот околу нив, особено доколку им се даде шанса да се изразат себеси на смислен начин во врска со прашањата кои ги засегаат.“ УНИЦЕФ (2007). Правата на децата и работата на новинарите – осврт од аспект на правата на децата

Почитувањето на ставовите на детето е еден од основните принципи на Конвенцијата за правата на детето и во оваа пригода сакаме да ве потсетиме на вашата клучна улога во неговото реализирање преку обезбедувањето детско учество во медиумите!

 

 

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

МЕТЕО АНАЛИЗА ЗА 1 МАЈ: Попладневна изолирана нестабилност, проследена со пороен дожд, грмежи и засилен ветер – Истата ќе продолжи и преку ноќта кон 2 мај

Метео прогноза на Славчо Попоски: Како што веќе подолго време најавуваме, утре на 1 мај …