Промоција на фотомонографијата „Костимот во Македонија од појавата на фотографијата до денес“ од авторката Зорка Тодорова-Младеновиќ

На 5 март (вторник), со почеток во 18:30 часот, ќе се одржи промоција на изданието „Костимот во Македонија од појавата на фотографијата до денес“ од авторката Зорка Тодорова-Младеновиќ, издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Настанот ќе се одржи во конференциската сала во Музејот на македонската борба. Во промотивниот дел ќе учествуваат универзитетската професорка и модна дизајнерка, Лидија Георгиева, во улога на промотор, уредничката на изданието, Бисера Бендевска, како модератор и авторката Зорка Тодорова-Младеновиќ.

Фотомонографијата „Костимот во Македонија од појавата на фотографијата до денес“ ги сублимира сознанијата и знаењата здобиени од стручната наобразба на авторката во областа на костимографијата и на модниот дизајн, но и од работните искуства, пред сè како филмски и музејски костимограф. Повикувајќи се на големите студии на проф. д-р Ѓорѓи Здравев за македонските народни носии, на д-р Воислав С. Радовановиќ, кој се фокусирал на раскошноста на мариовската носија и на неколкумина други македонски стручни лица, етнолози, и потпирајќи се на својот вроден раскажувачки талент, Тодорова-Младеновиќ создаде читлив и рецептивен текст интересен за стручната јавност, но и за секој љубопитник кој го интересира развојот на облеката во Македонија од првите фотографски записи, па до денес. Стилот на пишување е белетризиран и збогатен со цитати од македонската книжевност, конкретно од романот „Крпен живот“ на Стале Попов во кој детално се опишуваат постапките на креирање облека во домаќинството, а вклучени се и сведоштва на историски личности од почетокот на 20 век во Македонија, кои зборуваат за други аспекти на облекувањето во тоа време. Книгата е збогатена со многубројни фотографии од приватната архива на авторката и од други извори, педантно забележани во книгата.


Во публикацијата се вклучени два предговора, од професорката и модна дизајнерка, Лидија Георгиева, и од етнологот и кустос-советник во НУ Завод и музеј – Битола, Наде Геневска-Брачиќ, кои го воведуваат читателот во содржината на монографијата преку различни визури на нивните професии.

Зорка Тодорова-Младеновиќ (1943) е моден креатор, костимограф, автор и новинар. По дипломирањето на Националната школа за декоративни уметности во Париз, Франција, во 1968 година, се вработува во Радио-телевизија Скопје како костимограф за ТВ-серии, драми и музичко-забавни емисии. Истовремено работи костимографии и за играни филмови („Мементо“, „Жед“, „Истрел“, „Исправи се Делфина“, „Црвениот коњ“, „Хај-фај“, „Војната заврши“ итн.) и за театарски претстави (во Драмскиот театар, Кумановскиот театар, Битолскиот театар, Театарот на националностите, Театарот „Пралипе“ итн.). Во текот на својот работен век пишува и текстови за мода во македонските дневни и периодични изданија („Починка“, „Екран“, „Вечер“, „Нова Македонија“, „Журнал“, „Просветена жена“ и др.), а одреден период го уредува специјализираното списание „Текстилен информатор“. По пензионирањето, Тодорова-Младеновиќ реализира околу 200 историски костими за восочните фигури изложени во редовните поставки на Музејот на македонската борба за државност и самостојност, како и во Археолошкиот музеј во Скопје.


©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Неверојатна атмосфера на вчерашниот Флеш моб на Плоштад Македонија Скопје наскоро во улога на домаќин на Светското првенство во хип хоп 2024

По повод меѓународниот ден на танцот, вчера на Плоштад Македонија се одржа Флеш моб, во …