Одлични критики и стоечки овации за „Домаќинство за почетници“ на Горан Столевски во Венеција

„Нов триумф на Горан Столевски со приказната за маргинализирани луѓе” – вака реномираното британско филмско списание Screen Daily ја започнува својата критика за најновото остварување на режисерот Столевски, а додека Deadline вели дека е режисер со впечатлива оригиналност, вештина и стил и е име коа треба да се запомни.

Македонскиот филм „Домаќинство за почетници“ во режија и по сценарио на Горан Столевски, а во продукција на Лист Продукција – Скопје вчера ја имаше светската премиера на филмскиот фестивал во Венеција, во рамките на натпреварувачката програма „Orizzonti“. Публиката на популарната „Мостра“ во Венеција уште еднаш ќе може да го погледне филмот денеска со почеток во 15.30 часот.


Во преполната сала „Дарсена“ во Венеција, „Домаќинство за почетници“ ја воодушеви публиката, која со голем аплауз и долги стоечки овации ги награди режисерот Горан Столевски и актерската екипа во филмот.

Уште една потврда за квалитетот на филмот и неговиот одличен прием во Венеција се бројните критики објавени веднаш по вчерашната светска премиера.


Screen Daily во својата рецензија наведува дека: „Најновото дело на Горан Столевски е извонредно филмско остварување – нескротлива, дива детална драма која е набиена со таква енергија, што практично добивате статичен шок на екранот. Карактеристичниот глас на режисерот Столевски полн со самодоверба е препознатлив уште од самиот почеток. Тој исклучително самоуверено ја држи атмосферата помеѓу напнато расположение и страв од загубата и неговата нарација е свежа, автентична и навистина возбудлива“, се дел од пофалбите во критиката на Screen Daily.

Deadline, кој го карактеризира Горан Столевски како режисер со впечатлива оригиналност, вештина и стил истакнува дека се работи за име кое треба да се запомни:


„Сè што прави Столевски е насочено кон тоа да пренесе какво е секојдневието на луѓето заглавени во сопствените конфликти, во простор кој секогаш изгледа премал. Тој намерно ги притиска страните на секој кадар и делува како да нема доволно простор за протагонистите на снимката. Внатрешните простори никогаш не се дефинирани – камерата речиси секогаш се префрла меѓу лицата на луѓето, доловувајќи ги нивните изрази додека се надвикуваат еден со друг. Се работи за анасмбл од луѓе кој е толку природен во своето заедништо, што се чини дека ја живеат вистинската приказна“, нагласува Deadline во својата рецензија.

Cineuropa во својата критика наведува дека Столевски го испорачува еден од најдобрите филмови во Венеција оваа година. „Столевски во филмот се занимава со многу мали и големи трагедии и вистинско чудо е како успева сето тоа да изгледа дури и смешно. Режисерот има смисол за хумор, но е нежен, емпатичен и искрен и многу добрo ги кореографира неуредните групни сцени, правејќи ги лесни за следење. Сите ликови се грижат еден за друг, и бидејќи не се работи за американски филм – не мораат да кажат ‘те сакам’, секогаш кога ќе ја напуштат просторијата“, стои во рецензијата на Cineuropa.

„Домаќинство за почетници“ e во продукција на Лист Продукција – Скопје, и е поддржан од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, а ќе биде дистрибуриран на територијата на САД, преку компанијата Focus Features. Universal Pictures ќе биде интернационален дистрибутер на филмот за останатите територии, додека продажните агенти на филмот New Europe Film Sales од Полска ќе го застапуваат филмот на територија на југоисточна Европа.

Филмот на Горан Столевски оваа година ќе го отвори 44. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера (ИФФК) „Браќа Манаки“ во Битола, кое се одржува од 23 до 29 септември.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

ОГРОМЕН ИНТЕРЕС ЗА ТЕМАТСКИ СТРИП КОНКУРС

  Стрип центарот на Македонија од Велес е во имплементација на Грантот “All we are …