НОВ ОСВРТ КОН РОМАНОТ „БРОДОТ. КОНЗАРХИЈА” НА ОСМАНЛИ

Во прилогот „Nedelja” од викенд бројот на угледниот белградски дневен весник “Danas” авторка Анѓелка Цвијиќ објави литературен осврт кон српското издание на романот „Бродот. Конзархија” на нашиот писател Томислав Османли. Текстот „Дистописка утопија – Бегство од холограмите” го носи потписот на едно од водечките имиња на книжевната критика во Србија, писателката, уредничка и литературна критичарка Анѓелка Цвијиќ.

„Има – пишува таа во поднасловот на својот текст – во романот на Османли многу носталгија, па во него се нашле и реминисценции на југо-просторот, разбиен и расцепкан на конзархии од кои секоја ја живее својата трагедија, верувајќи дека е во средиште на златното доба. Сѐ додека не се појави нов Херакле кој ќе умее да го испочисти сиот отпад од овие конзархиски штали. Но – додава авторката – тоа е веќе една нова утопија.”


Романот „Брод. Конзархија” во Македонија го објави нашето книгоиздателство „Магор” пред седум години. Во Македонија се појавија осврти на истакнати имиња: тексот на Владимир Јанковски и врвната експликација на акад. Ферид Мухиќ, експерт за жанровите на научната фантастика и негативната утпија, при неговата беседа на промоцијата во МКЦ, на тогаш новиот роман. Минатата година овој оригинален дистописки роман на Османли – со поткрепа на Комисијата за поддршка на македонски книги во странство и нашето Министерство за култура – во превод на Д-р Сашо Огненовски, издавач, писател и преведувач, беше публикуван од водечкиот српски издавач, зрењанинско-новосадската куќа „Агора”; и тоа издание стана предмет на осврти во медиумите на соседната држава и на поширокото сродно јазично подрачје, меѓу другото и со интервју со македонскиот автор и во угледниот црногорски “Vjesnik” од Подгорица. Освен тоа, токму за ова издание, Османли неодамна стана еден од двајцата интернационални лауреати на висока кинеска уметничка награда токму во доменот на романескниот жанр. Романот „Бродот. Конзархија” инаку е дел од новите осум наслови, македонски кандидати за преводи во рамките на проектот „100 словенски романи” со седиште во Словенија.

„Сѐ се случува во новосоздадените, ‘контрахирани простори’, конзархиите, израснати од економските конзорциуми кои ги потопиле поранешните парламентарни држави – пишува српската критичарка во својот осврт кон романот на македонскиот автор – Со тие конзархии владеат Берзата, Парите, најтесниот круг богатници и пактовите на Црквата и на власта уредени врз моќта на капиталот. Од перспективата на сегашноста, Бродот. Конзархија на Османли го отвора пршањето, дали во иднината, битно ќе се измени, освен новата географска слика на светот со ригорозните директиви за промовиранјето на нова естетика и за конечното убиство на етиката како излишна (само)свет…”


Авторката укажува и на бележитата стуктура на урбаните простори и оригинлните ликовите, од главниот јунак, холографски дизајнер кој работи врз мултидимензионалниот стрип „Домот на Авгеј”, неговиот школски другар кој „по пат на махинации, грабежи и бескрупулозност се издигнал до самиот врв, станувајќи главниот владетел на новиот тип држава, устроена според сите правила на бесрамната и арогантна автократска власт…”. Сите ликови пишува авторката Анѓелка Цвијиќ, и машките, како и женските, што впрочем во оваа дистопија станува ирелевантно, таканаречениот „сезнаен наратор” во романот ги држи збрани, надмоќно поигрувајќи се со нив.

„Сето она ново во дистопијата на Османли е само усовршување на денешните истоветни идеи за укинувањето на слободите и создавање раскол меѓу луѓето. Па, при тоа, читателот се прашува, каква е тоа дистопија, зарем таа не е само ново име за нашево време!?” – пишува во заклучните делови на својот текст белградската критичарка – „И наеднаш сфаќа дека авторот на овој блескав роман, бескрајно се забавувал пишувајќи го, луцидно осмислувајќи го конзархискиот говор, во чии паузи сепак остава мал простор за незадоволство, и за сето она добро и убаво што на човека му е познато и што најрепресивниот режим не може да му го укине.”


©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Изложба на Ива Станковска и Јана Николовска

„Art Exhibitions“ е проект чија цел е да поддржи млади уметници од Македонија и да …