На денешен ден е роден нашиот фудбалски репрезентативец Ѓоко Зајков

Ѓоко Зајков е роден на 10 февруари 1995 година во Скопје. Тој е македонски фудбалер, играч од одбраната на Университатеја Крајова и на македонската репрезентација.

Зајков ја започнал својата фудбалска кариера во младинските категории на Работнички. Своето деби за првиот тим го направил во завршницата на сезоната 2011-2012, а во наредните две сезони бил стандарден првотимец на Дебармаалците. Вкупно за Работнички одиграл 51 натпревар и постигнал 3 гола.


На 23 јуни 2014 година, уште како тинејџер на возраст од само 19 години, тој го имал првиот ангажман во странство потпишувајќи тригодишен договор со францускиот прволигаш Рен. Во својата прва сезона во клубот, тој најчесто играл за вториот тим во петтото ниво на францускиот фудбал. Својот прв и единствен настап за првиот тим на Рен го направил на 17 декември 2014, играјќи од почеток до крај во победата на домашен терен со 1-0 над Кретеј во осминафиналето на Лига купот. Следната сезона, тој бил позајмен во Шарлероа, каде одиграл 7 натпревари во белгиското првенство.

Во летото 2016 година, Зајков потпишал траен договор со Шарлероа минувајќи ги таму следните пет сезони од кариерата, но во ниту една од нив тој не успеал да се наметне и да биде стандарден првотимец. Откако му истекол договорот со белгискиот клуб, во летото 2021 година, тој потпишал едногодишен договор со Левски Софија. Дебитирал за бугарскиот клуб на 28 август, во победата на домашен терен над Берое со 2-1. Својот прв гол во дресот на Левски го постигнал на 4 декември, во победата на домашен терен над Ботев со 2-0. Во јануари 2022 година, Зајков потпишал за украинскиот клуб Ворскла од Полтава.


Зајков играл за репрезентациите на Македонија под 19 и под 21 година, за втората забележал 21 настап и 1 гол вклучувајќи и три настапи на Европското првенство за играчи под 21 година 2017 во Полска. Своето деби за сениорската репрезентација го направил во пријателски натпревар против Иран во јуни 2016. Својот прв гол за македонската репрезентација го постигнал во натпревар против Естонија во УЕФА Лигата на нации, на 11 октомври 2020 година. Во 2021 година, тој бил повикан да ја претставува Македонија на Европското првенство 2020, но не забележал ниту еден настап на турнирот.

Среќен роденден Ѓоко, ти посакува редакцијата на Екран.


©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Први Мај во Дојран: врвулица од луѓе, се бара паркинг место, но и слободно столче во рестораните

Први Мај во Дојран е главно врвулица од луѓе кои го бараат своето место да …