Интервју со Славчо Попоски: Очекуваме една многу поразлична зима за разлика од изминатите години

Славчо Попоски е еден од нашите најпознати метеоролози. Љубовта кон метеорологијата кај него се родила уште од најрана возраст, а сега таа е негова професионална определба. Секојдневно преку социјалните медиуми и неговата интернет страна ги информира граѓаните за тоа какви временски услови не оочекуваат. Поразговаравме со Славчо на разни теми а вие прочитајте што тој има да каже за Екран.

Кога и како се појави интересот кај вас за метеорологијата?


– Мојата желба за Метеорологијата се појави од многу мали нози, можеби имав и 10 години, па дури и помалку. Паметам кога ќе вееше снег прв излегував на улиците на снегот, дури во 2-3 часот по полноќ.

Колку долго се занимавате со метеорологија?


– Со Метеорологијата се занимавам повеќе од 10 години, а можеби дури и околу 15 години.

Луѓето ги следат вашите прогнози и со нетрпение очекуваат што ново ќе слушнат. Како се справувате со оваа должност и обврска?


– Да, точно така, граѓаните чекаат на мене и многу ми веруваат. Секојдневно ми стигнуваат пораки за тоа какво време не очекува, но многу често не можам на сите да им возвратам на нивните прашања и многу им се извинувам. Затоа јас многу пати во денот објавувам анализи, со цел навремено да бидат информирани.

Како изгледа еден ваш работен ден, колку време треба за да се направи добра и прецизна временска прогноза?

– Мојот работен ден во поглед на Метеорлогијата изгледа напорно поради тоа што треба многу пати во денот да објавам прогноза, поради тоа што јас со анализите го опфаќам и целиот регион, ме следат многу и од сите држави од регионот. Инаку за да се направи добра и прецизна анализа ми треба половина час, до час со објавување на истата. Значи се си е навика, не ми одзема тоа премногу време да бидам искрен.

Каков тип на податоци собирате со цел да направите што попрецизна временска прогноза?

– Јас ги користам најпрецизните нумерички модели во светот, и тоа Европскиот центар за среднорочна прогноза (ECMWF) и Американскиот GFS. Воедно овие два нумерички модели се најреални (но секако за да направиш прогноза со истите треба многу знаење).

Кој е најтешкиот дел од оваа работа?

– Најтешкиот дел од работата со Метеорлогијата е кога имаме доста променливо време, тогаш нумеричките модели се менуваат од час во час, и во последно може да се измени се а ти веќе си ја објавил анализата јавно. Но тоа кај мене да бидам искрен до сега многу ретко ми се случувало.

Ве следат на социјалните мрежи, а сопственик сте и на веб страната Метеоаларм.мк. Како сте задоволни од посетеноста и коментарите од следачите?

– Што се однесува до мојот сопствен метеоролошки медиум Метеоаларм Мк, јас сум презадоволен. Имам премногу посети. Се случува дури на една објава да имам и до 10 000, 15 000 читатели, понекогаш дури и над 30 000 читатели само на една објава.

Што се смета за успешна прогноза? Колку се дозволените отстапки?

– За успешна прогноза се смета кога истата ќе биде со прецизност од 80 до 90%. Кај мене обично е така, нормално прогнозата не може да биде 100% точна и тоа си го признавам јас.

Дали со развитокот на технологијата може да очекуваме и попрецизни временски прогнози?

– Како што оди технологијата се понапред и понапред нормално е да се очекуваат се попрецизни анализи на времето. Се повеќе има се подобри и подобри радари, но јас искрено не ги давам нумеричките модели погоре наведени. Тие се дефинитивно најпрецизни и со нив никој не може.

Од каде ги собирате податоците за временската прогноза и како изгледа процесот да се направи квалитетна временска прогноза?

– Податоците за да направам детална анализа на времето како што напоменав и претходно ги составувам со помош на тие два нумерички модели кои ги наведов погоре, и преку картите од истите. А за да се направи квалитетна метео анализа треба добро да се согледаат работите на моделите, но и состојбата со временската состојба над Европскиот Континент.

Бидејќи станува збор за прогноза, честопати може и да се погреши, а луѓето знаат да бидат сурови кога ќе се случи тоа. Како се справувате со критиките?

– Точно така, нормално е и да се згреши во прогнозата, не може само да се погодува, па така е и кај мене. Луѓето се многу сурови за тоа, дури и вреѓаат, зборуваат се најлошо. Да бидам искрен јас и не читам коментари и не се замарам со ова. Некои луѓе критикуваат а кога прогнозата ќе се оствари ги нема никаде, такви сме како народ ние сите го знаеме тоа.

Климатските промени се мошне актуелна тема во изминатите години. Што мислите, дали и како климатските промени влијаат на временските услови и колку последиците од климатските промени се чуствуваат во нашата земја?

– Кога станува збор за климатските промени и глобалното затоплување, јас ќе кажам само едно и ќе бидам краток и јасен околу ова, а тоа е дека истите се голема лага. Нема ништо од Климатските промени и глобалното затоплување. Некои од експертите со години тврдеа дека во Европа ќе биде се потопло и дека ние ќе сме станеле Сахара, а воедно оваа година се мерат екстремно ниски температури а зимата сеуште не е ни започната. Во Русија овие денови се мерат -43 степени, а во Сибир рекордни -60 степени, во Москва ја имаме најголемата снежна покривка во последните 145 години. Значи поголем дел од континентот мрзне и е под снежна покривка, а студот веќе одзеде и човечки животи во регионот и низ Европа.

Зимата ни е на прагот, дали може да ни кажете каква зима не очекува?

– Очекуваме една многу поразлична зима за разлика од изминатите години, што значи оваа година зимата ќе ни биде многу посилна и богата со врнежи (ќе има и дожд и снег, како и чести снежни бајки). Повремено поради силниот продор на поларниот вртлог над нашите краишта, се очекуваат и екстремно ниски температури (не е чудно тие да се спуштат и под -20 степени). Слично ќе биде низ целиот Балкан. Што значи дека ни се заканува снежно невреме во следните месеци, судејќи барем по долгорочните анализи направени со најпрецизните нумерички модели.

Ви посакуваме многу успеси во вашата работа и ве очекуваме со нови информации за временските прилики.

– Ја сум многу благодарен што ме контактиравте и што многу ме почитувате. Бидете ми живи и здрави и ви посакувам успешна работа! Се слушаме со нови метео анализи!

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

АКТУЕЛНА МЕТЕО НАЈАВА: Утре на повеќе места врнежи и грмежи – Локално се очекуваат и поинтензивни Атмосферски процеси, во форма на невреме

Метео прогноза на Славчо Попоски: Под влијание на циклонска активност од запад, утре (четврток 2.5.2024) …