Интервју со Peach Vice: Публиката на „Андерфест“ да се спреми за пеколен настап, хаотична вечер, но и да ги поддржи сите македонски бендови затоа што има што да се слушне

Особено задоволство ни беше да разговараме со Peach Vice, скопски бенд кој е познат по своите енергични настапи и кој ќе може да го видите на 13-ти октомври во МКЦ. За нивните настапи, идни планови и други интересни теми прочитајте во интервјуто подолу.

Кога и како дојде до тоа да се формира Peach Vice, и кој го смисли името на бендот?


– По долги години труд, потрага (и убедување) од страна на нашиот тапанар Џигер во комбинација со Наско како вокал, околу почетокот на 2022 се склопивме со долгогодишните другари Иван (бас), Ади (гитара), Симе (саксофон), Пепи (клавијатури) а подоцна и Бодан (гитара). На претпоследниот настап се вклучи другарот Гоце како DJ (иако има удел и во албумот) и тоа во права смисла на зборот. Името на бендот дојде „природно“ како и членовите, преку хаотично brainstorm-ање, во хобитски удобна дупка под земјата.

На почеток на годината го издадовте својот прв албум EKIPIZZA, како сте задоволни од тоа како е прифатен албумот кај публиката?


– Пред да го издадеме албумот имавме одличен фидбек за првите две песни кои ги пуштивме со видео запис, но и покрај тоа никој од нас немаше некакви очекувања за албумот и не бевме загрижени околу тоа, само сакавме што побрзо да го издадеме. Со оглед на тоа дека дадовме голем дел од себе снимајќи го албумот, искреноста и бесот кои ги внесовме излегоа на површина и мислиме дека на слушателите токму тоа им „фати уво“ и им се допадна кај нас. Со тоа си ја исполнивме „мисијата“ и срцата.

Настапувавте на „Земјотрес“, а вашиот настап на „Д фестивал“ сеуште се прераскажува. Како вие ги доживеавте овие настапи?


– „Земјотрес“ како наш прв настап во овој состав беше тотална мистерија за сите кои знаеја за PEACH VICE. Не сакавме да поставуваме на никаков начин лажни очекувања, така што тие што дојдоа видоа што се случи и дознаа што сме способни да направиме на сцена. На „Д-Фест“ пак, десеткратно се зголеми енергијата која взаемно ја делевме со публиката и до негде се знаеше што може да се очекува, но и таму се надминаа очекувањата. Во кратки црти, со првиот настап започна бурата и неверувањето, на „ДФест“ публиката не остави во шок и сега сме жедни за повеќе и повеќе.


Имавте доста настапи низ клубови низ Македонија, која е разликата меѓу овие настапи и настапите на поголеми сцени? 

– Можеби единствена разлика е можноста за посетеност во помалите места (иако е и повеќе од доволна). Прекрасно е што може да се каже дека сме „очи во очи“ со публиката. Интимноста и енергијата која ја споделуваме е сосема иста.

Во моментов алтернативната сцена изгледа посилна и поорганизирана од било кога досега. На што се должи тоа? И дали сметате дека ќе продолжи овој тренд?

– Може да се каже дека оваа сцена доби нов живот од моментот кога поновите бендови почнаа да се сплотуваат и меѓусебно да си оддаваат почит. Доколку сами себе не се поддржуваме и мотивираме, сликата која ја оставаме за себе не прикажува ништо освен презир и комплекс на висока вредност, сите сме заедно во ова. Главни виновници за ова се бендот „Луфтанза“ и „Гола Планина Колектив“, кои многу приземно и свесно покажаа како луѓе со различни вкусови и возрасти може да функционираат заедно. Возот е тргнат и ние сме на него, нема запирање.

Наредно е вашиот настап на Андерфест фестивалот во МКЦ, каде ќе настапите со уште пет одлични македонски бендови. Што може да очекува публиката која ќе дојде на 13 октомври на Андерфест од вас?

– До тие што НЕ биле на некој од нашите настапи: убаво да се одморат пред фестивалот, да дојдат со многу позитивна енергија и да бидат спремни да ја исфрлат негативната. Да се спремат за пеколен настап, хаотична вечер, но и да ги поддржат сите македонски бендови затоа што има што да се слушне. До тие што СТЕ биле на некој од нашите настапи: спремете се бидејќи не знаете што ве очекува. Не знаеме и ние, освен тоа дека ќе дадеме сѐод себе да направиме пичвајс.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Хороскоп за утре за сите хороскопски знаци: Прочитајте што не советуваат ѕвездите за утре 03.05.2024 во врска со работата, љубовта и здравјето

Овен Работа: Ефикасниот и работно мотивиран Овен крајот на првата работна недела го дочекува задоволни …