Интервју со ДНК: Музиката не е натпревар на 100 метри тоа е уметност и треба голема секојдневна посветеност за да се постигне некаков резултат

Дуото ДНК е составено од Андреја Ѓорѓиески – Андреј и Владимир Блажев – Панчо. Како артисти со претходно музичко искуство и образование ( Андреја има завршено нижо и средно музичко училиште и е студент на Музичката Академија во Скопје) се одлучуваат по кариерата во групите ТНТ (Андреј) и ОК Бенд (Панчо) да започнат заедничка кариера во 2001 година кога го пуштаат првиот сингл на ДНК- „Девојка за везден“ за кој снимат и видео запис. Од тогаш па се до денес се доста активни на македонската музичка сцена. Со пет објавени албуми, еден куп хитови и безброј настапи низ Македонија ДНК успеваат да останат свежи, актуелни и обожувани од публиката. Секогаш е чест и задоволство да се поразговара со овие двајца професионалци, а вие прочитајте што тие кажаа за Екран.

 


Приказната на ДНК започна пред повеќе од 20 години. Како се запознавте и каде беше вашиот прв настап?

Андреј: Се запознавме 1997/1998г преку една наша заедничка пријателка која учеше со мене во средното музичко училиште, а бевме излезени во еден кафич во кој Панчо работеше на шанк и оттука започна приказната. Искрено не ми текнува каде го одржавме нашиот прв настап ама мислам дека беше на некоја манифестација во универзалната сала сп нашата прва песна ‘’Девојка за Везден’’некаде 2001/2002 година.


Панчо: Сосема спонтано се запознавме и одма кликнавме. Јас работев тогаш како шанкер и менаџер на кафулиња и клубови + наша заедничка другарка не спои и ете до ден денес сме заедно. Мислам дека првиот настап ни беше во
унивеерзална сала на модна манифестација организирана од Милорад Цаиќ – Цајо….. Нормално со нашиот прв сингл “Девојка за везден”

 


 

Дали имате некои артисти на кои им се восхитувате или ви биле модел и влијаеле врз вашата кариера и определба да се занимавате со музика?

Андреј: Ние двајца секогаш сме слушаме различни музички жанрови кои за среќа имаат големо влијание врз нас и ја создават синергијата која се чувствува во нашите песни и на нашите настапи. Со текот на годините јас конкретно сум имал периоди низ кои сум слушал различни стилови како Рок, Блуз,Соул Електроника и сега во поодминати години 🙂 Класика и Џез и се разбира голем дел од тие артисти ми биле идоли. Но рокот секогаш ќе ми биде на прво место.

Панчо: Секако дека имаме. На некои сум се восхитувал како бизнисмени и како ја тераат кариерата, а на други музички. Да бидам најискрен тоа не се од Македонија ниту пак од балканските простори.

Имате соработувавте со многу познати артисти од Македонија и од Балканот, дали имате некој/а со кои не сте соработувале досега а би сакале да го направите тоа во блиска иднина?

Андреј: Од Балканот јас ете би сакал да снимиме дует пример со Оливер Мандич,а од Македонија во план е да снимаме дует со еден наш артист и драг пријател но нека остане изненадување.

Панчо: Па да сме имале. Ќе кажам повеќе од Македонија со балкански и не сме имале соработка со некоија поетаблиран артист. Јас како менаџер да, но како ДНК не, што не значи дека тоа нема да се случи. Секогаш имаме некој со кој би сакале да направиме дует но за тоа реално треба да се поклопат многу коцки и да биде плански за да не се “изгори” дуетот безпотребно. Исто така и од Мк артисти имаме желби па ќе видиме дали ќе се реализираат…..Некогаш желбата не е двострана така да не можеш со сила да натераш некого да снимите дует.

Долго време сте на сцената. Што мислите во кој правец се движи и каква е разликата меѓу сцената денес и сцената пред повеќе од 10 години?

Андреј: За разлика од времето кога МК музиката и сцена беше во најголема експанзија (говорам за 97,98,99 година), денес за жал посиромашна и со артисти и од музичка гледна страна,а тоа е се највеќе поради атмосферата која владее во земјава. Но не треба ниту еден артист да се откаже и само со посветена и активна работа и константо издавање на нова музика може да опстане и да се функционира како музичар овде кај нас. Еве ние сме доказ за тоа.

Панчо: Уф, многу болна тема. Реално во прелош правец. Со оглед на технологијата денес секој може да се занимава со пеење. Немам ништо против аутотјун генерацијата, напротив ми е симпатична. Ако порано беше срам еден артист да го користи тоа сега е тренд кој полека но сигурно замира. Пострашно е што нема продуценти. Денес секој се нарекува продуцент, а прави битови без хармонии и аранжман и за жал не знаат што значи поимот продуцент. Исто така младите се натпреваруваат преку социјалните платформи и преку бројки на купени орегледи со што добиваме лажна слика и квантитет,а се помалку квалитет. Тоа се гледа преку “заинтересираноста” на публиката и посетеноста на македонските настани на самите “артисти”. Притоа на нивните на настани 90% репертоарот им е српско-хрватски репертоар и турбо фолк, а ќе вметнат и нивна песна или цели две (бидејќи толку имаат) па се радуваат и горди објавуваат по социјални мрежи како публиката пее со нив туѓи песни не своите две. Тоа не те прави артист, тоа те прави тезгар, односно кавер пеач. Чест на исклучоци и кавер бендови кои заработуваат преку тоа за да инвестираат бидејќи тоа им е животот но бар 70% репероарот им е Македонски + нивни 2-3 песни. Секогаш велам дека музиката е скап спорт за оној кој сака тоа да му е хоби и да потенцирам дека музиката не е натпревар на 100 метри тоа е уметност и треба голема секојдневна посветеност за да се постигне некаков резултат. Место има за сите. И да најодговорно тврдам дека купените прегледи, лајковите и следбениците на терен не ви значат ништо, сме биле сведоци во многу ситуации. Реалноста е сурова и бара оригиналност и искреност, а тоа го нема во  виртуелниот свет 🙂 И да, нема споредба сега и пред 10-15 па и 20години…… И за жал не гледам излез во догледно време.

Минатата година прославивте мошне значаен јубилеј, 20 години од вашето постоење. Како сте задоволни од тоа како го прославивте овој навистина значаен јубилеј?

Андреј: Чувството кое го доживеавме во моментот кога се качивме на сцена во преполната сала “Борис Трајковски” е нешто што ќе остане засекогаш врежано во нас. На секој еден од сите тие луѓе за кои и работиме и постоиме сме им бескрајно благодарни што дојдоа да не поддржат и да ни укажат љубов и почит кон се она што сме го сработеле изминативе 20 години.

Панчо: Презадоволни, а и како не би биле кога очекуваш 5 максимум 6.000луѓе, а салата ја распродаваш и имаш 10.000 луѓе. На секој еден го посакувам тоа од срце, неописливо чуватво кога во хор ти ги пеат твоите текствои и се внесуваат и истоветуваат со истите. Тоа ни е врвот во кариерата и само упте еден доказ за сите млади дека успехот не доаѓа преку ноќ. Бара време, посветеност, трпение и многу жртва…. И најодговорно тврдам дека еден ден секој може да успее доколку се придржува до горенаведените работи… Тоа го препознаваат луѓето, а нормално и квалитето уз тоа. Секако дека трњба малце среќа како и за се останато во животот 🙂

Како успеавате да одржите рамнотежа меѓу приватниот и професионалниот живот?

Андреј: ДНК е втората половина од мојот приватен живот,а на Панчо не гледам како професионален соработник туку  на некој кој ми е многу близок и поради тоа и сме останале сите овие години заедно така да снимањето  на нови песни во студио кај Лазар Цветкоски,пробите, настапите и концертите се само пропратно задоволство кое произлегува од тој наш приватен живот. 🙂

Панчо: Тоа е доста тешко….. јас сеуште пробувам но немам баш рамнотежа, на сметка на работата и професијата со која се занимавам приватниот живот пати но и душевниот и менталниот….. И јас сум човек и сум од кев  и месо и не секогаш сакам да се пеам, смеам, давам интервјуа и се сликам…..  Но тоа ми е професија и морам да балансирам…..

Како дојде до тоа после 15 години повторно да имате песна заедно со Врчак?

Андреј: Ние никогаш не сме ја изгубиле врската со Врчак и во неколку наврати имаше иницијатива да направиме нешто ново и од наша и од негова страна така да се собравме во студио да работиме на нешто што он веќе спрема и сосема случајно му ја пуштивме “Посреќна” која ние веќе ја имавме снимено кај Лазар му се допадна многу и така дојдовме до идеа да биде и он дел од песната која е само вовед во се она ново што следи.

Панчо: Сосема спонтано….. Ништо и никогаш не форсираме, а блиски другари сме со Раде што значи дека се погоди и поклопи времето и ете се случи повторна соработка која нема да застане тука ☺️

 

 

Што може да очекува публиката од ДНК во наредниот период, кои се вашите идни планови?

Андреј: Доста нови проекти,песни , соработки и концерти како кај нас во Македонија така и надвор.

Панчо: Многу настапи ширум земјата со нашиот бенд, во странство со еден друг проект и неколку дуети во 2024 ☺️

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Први Мај во Дојран: врвулица од луѓе, се бара паркинг место, но и слободно столче во рестораните

Први Мај во Дојран е главно врвулица од луѓе кои го бараат своето место да …