Денес се сеќаваме на нашиот писател, поет, новинар и издавач Трајче Крстески кој почина на денешен ден во 2016 година

Трајче Крстески е роден во Прилеп на 18 мај 1950 година. Тој беше македонски раскажувач, романописец, драмски писател, поет, новинар, уредник и издавач.

Основно и средно образование завршува во родниот град. Студира книжевност на Филолошкиот факултет на Универзитетот „Кирил и Методиј” во Скопје . Работел како новинар во Радио Скопје. Од 1970 година е уредник во списанието за литература и општествени прашања „Стремеж” (Прилеп), а од 1984 работи како главен и одговорен уредник во издавачката дејност на тоа списание.


Иако своите први литературни остварувања (раскази) почнал да ги објавува уште во 1967 година, Крстески ѝ припаѓа на тнр. четврта генерација повоени македонски писатели кои на литературната сцена се афирмираа во текот на седумдесеттите години на XX век. Како раскажувач и романописец тој е типичен претставник на својата генерација, исцело свртена кон пронаоѓање нови, антитрадиционални модели на прозниот дискурс. Внесувајќи одредена доза на (само)иронија и сарказам во просторите на текот на свеста, користејќи екстремно рационализирани дијалози во сосема нерационалните околности на неговите сложени, понекогаш и кафкијански заплеткани и непроодни фабули, тој создаде препознатлив тип на нова проза во рамките на македонската рана постмодерна

Не оддалечувајќи се од општата мрачна и апатична атмосфера што ја обвива неговата проза, а сега и под очигледно влијание на европската антидрама (Јонеско /Ionesco/, Олби /Albee/, Бекет /Beckett/), Крстески напиша и неколку драмски текстови, но со нив сепак ѝ остана поблизок на читателската одошто на театарската публика.


Негови раскази застапени се во повеќе антологии на современата македонска проза и се преведени на повеќе светски јазици.

Починал во Прилеп на 18 декември 2016 година.


©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Сеќавање: 20 години без истакнатиот македонски историчар и археолог Томо Томоски

Томо Томоски е роден на 22 декември 1915 година во Скопје. Тој беше истакнат македонски …