Вечерва со почеток од 20:00 часот во фоајето на Центарот за Култура Трајко Прокопиев во Куманово, ќе биде отворена изложбата „Гласна тишина“ на уметницата Мартина Спасовска.
Во сликарството, портретот важи за техника која изискува најмногу од уметникот. Оваа тематика, колку што го потенцира појавното на лицето, толку и го соголува внатрешното на сликарот. Мартина Спасовска настапува смело со својата прва самостојна изложба бирајќи таа да се состои исклучиво од портрети, некои од нив во голема димензија. На овој смел пристап му соодветствува и насловот на изложбата, „Гласна тишина“.
Мартина Спасовска, родена 1997 во Куманово, е млада визуелена уметница со седиште во Скопје. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Таа го истражува и користи човечкото месо како главен елемент во нејзините дела, преку кои поставува повеќе прашања за начинот на кој е претставен човечкиот идентитет. Делата ги третира со сложена мешавина на страв, емпатија, деликатес, ранливост и моќ. Таа има изложувано на неколку групни изложби во Македонија, Њујорк, Австрија, Грција, Косово и Турција.